Масимо Савиќ со волшебниот глас ја возврати љубовта кон публиката

По паузата од три години Масимо одржа два концерта во Скопје. Хрватскиот пејач овој пат имаше свое деби во салата на Македонската филхармонија.

Почитуваниот уметник и изведувач беше повод многу скопјани да се соберат вчера и денес (понеделник и вторник) и во голем број да уживаат во вонвременските попхитови на еден од најпопуларните пејачи на овие простори, хрватскиот хитмејкер Масимо Савиќ.

Публиката громогласно го поздрави Масимо, кој истапи на сцената со бендот и го започна настапот на чекор од првите редови. По изведувањето на првата нумера, Масимо ѝ се обрати на публиката со својот топол, специфичен глас.

– „Леб и сол се едни од најзаслужните што станав музичар. Уживав да ги учам нивните песни – рече Масимо.

Господин меѓу музичарите

Познат по своето аристократско држење и извонреден глас, Масимо ги изведе хитовите „Из једног погледа“, „Странац у ночи“, „Додирни ме случајно“, „Да могу“, „Сузе нам стале на пут“, „Остани ту“, „1000 људи“, „Кладим се на нас“ и уште многу други песни што ја одбележаа неговата 30-годишна музичка кариера.

Најголема возбуда завладеа кога се слушна рефренот на песната „Дај ми разлог“ додека од сите страни блескаа блицеви.

Целиот концерт го следеа распеаните гласови на масата што се нишаше во ритамот на најпознатите љубовни балади.

Длабока почит кон музичарите

Како увертира на речиси секоја изведена песна, Масимо со носталгична нота во својот глас ѝ раскажуваше на публиката за музичките великани, од овие простори, со некои од нив и соработувал, а кои имале неверојатен импакт на неговото музичко созревање и творење. Масимо со голема почит ги спомна Влатко Стефановски, Арсен Дедиќ, Дино Дворник, Џони Штулиќ… Масимо му оддаде почит на Арсен Дедиќ, велејќи дека е прекрасно што имал таков ментор.

Како што успеваше досега, уникатниот Масимо ја претвори салата на Македонската филхармонија во интимен простор. Движечката сила и инспирацијата беше љубовта која цело време се чувствуваше во воздухот, а која беше потенцирана од песната на Масимо „1000 луѓе“.

На бисот додека ја пееше „Замисли живот у ритму музике за плес, публиката буквално скокна на нозе.

Публиката, судејќи според впечатоците, со „полно срце“ излезе по завршувањето на концертот од Македонската филхармонија.

Масимо беше необична музичка појава и во она славно време на рокенролот, но остана таков до денденес. Масимо исчезнуваше од сцената па се враќаше, избирајќи секој пат необичен, но секогаш свеж правец во кариерата.

Концертите на Масимо Савиќ се во организација на „Авалон продукција“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот