Марко Рубио станува сè посериозен кандидат за наследник на Трамп
Сè поголем број блиски соработници на претседателот Доналд Трамп почнуваат да го гледаат државниот секретар Марко Рубио како сериозен кандидат за претседателските избори во САД во 2028 година.
Препорачано
Според „Политико“, ова е значаен пресврт за политичар кој со години бил потценет сметан за премногу „јастребски“ во надворешната политика, поврзан со републиканскиот естаблишмент и оптоварен со неговата неуспешна кандидатура во 2016 година.
Рубио оттогаш успеа да изгради поинаква позиција, првенствено преку лојалност кон Трамп и ангажирање во клучни прашања од надворешната политика, како што е обидот за соборување на режимот на Николас Мадуро во Венецуела. Ова му донесе доверба во Западното крило на Белата куќа, но и кај некои гласачи на МАГА (MAGA).
Иако претходно изјави дека нема да му се спротивстави на потпретседателот Џеј Ди Венс во борбата за републиканската номинација, неговото растечко влијание во кругот на Трамп ги менува перцепциите, наведува Политико.
Неговите сојузници сега нагласуваат дека неговото подоцнежно прифаќање на трампизмот е всушност во негова корист. Советникот на Трамп, Алекс Брусевиц, оцени дека Рубио имал избор по кампањата во 2016 година да стане противник на Трамп и политички да исчезне, или да го прифати движењето МАГА.
„Тој го избра вистинскиот пат“, рече тој, нарекувајќи го „победник“.
Сепак, Трамп сè уште не поддржал ниту еден потенцијален наследник, а неговиот збор би можел да биде одлучувачки. Доколку Рубио влезе во трката против Венс или друг кандидат, тој ќе мора да ја напушти својата улога како член на администрацијата и да премине во отворена политичка кампања, потег што се покажа како предизвикувачки во последно време.
Рубио во анкетите бележи раст
Во меѓувреме анкетите покажуваат дека Рубио бележи значителен раст, но Венс сè уште е во силна предност. Според анкетата на CPAC, Рубио достигнал поддршка од 35 проценти, што е голем скок во споредба со само 3 проценти претходната година, додека Венс има околу 53 проценти, меѓу испитаниците.
Предноста на Рубио лежи и во неговата сегашна позиција, тој истовремено служи како државен секретар и советник за национална безбедност, што му дава директен пристап до кроењето на политиките на претседателот и учество во клучните одлуки. Поранешниот портпарол на Белата куќа, Шон Спајсер, нагласува дека токму оваа близина со Трамп дополнително го зајакнал неговиот политички профил.
Од друга страна Белата куќа во неколку наврати го фали како исклучително способен и дисциплиниран политичар кој успева да избегне скандали и медиумски контроверзии. Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, не сакаше директно да коментира за неговите шанси за 2028 година, но оцени дека тој „врши неверојатна работа“.
Неговиот подем е дополнително поттикнат од неговите активности во политиката на Западната хемисфера, вклучувајќи операции против нарко-картелите и потезите во Венецуела и Куба. Тој беше видлив и во имиграциската политика, каде што се залагаше за построги мерки, вклучително и елиминација на зелените карти и визите за луѓе со врски со Иран и палестинските структури, наведува Политико.
Сепак, некои во популистичкото крило на МАГА сè уште го гледаат Рубио со резерви. Критичарите го сметаат за премногу традиционален републиканец и ги критикуваат неговите претходно тврдокорни ставови за надворешна политика. Поранешниот советник на Трамп, Стив Кортес, вели дека Рубио „го зборува јазикот на движењето МАГА, но во срцето останува класичен републиканец“, што можеби не е доволно за да ги освои гласачите во денешната политичка клима.
Од друга страна, неговите сојузници ги отфрлаат таквите критики и посочуваат на неговата ефикасност и комуникациски вештини, особено на неговата способност да презентира чувствителни прашања како што се воените операции во рамките на политиката „Америка на прво место“.
И покрај неговиот подем, Џеј Ди Венс останува фаворит за номинацијата на републиканците. Тој има стабилна база на поддршка, силна мрежа на сојузници, вклучувајќи ги Доналд Трамп помладиот и Елон Маск но и предност во анкетите.
На крајот на краиштата, клучното прашање останува: дали Рубио воопшто ќе се кандидира? Конечната одлука веројатно нема да се донесе пред среднорочните избори во САД, но е јасно дека неговото име сè повеќе се споменува како сериозна опција за наследник на Доналд Трамп.


