Маричиќ: Новата власт има доволно поддршка да ги продолжи европските реформи

Бојан Маричиќ - СДСМ/ Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Новата власт има доволно гласови и поддршка од граѓаните за да ги решава сите напластени проблеми, но и да ги продолжи европските реформи и да не застрани од патеката на европската интеграција и регионалната соработка, нешто што во повеќе наврати беше јавно промовирано и ветувано од нивна страна, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

На неговиот Фејсбук-профил тој порача дека социјалдемократите, како прогресивни и принципиелни политичари, оставаат во наследство подобра држава од онаа што ја затекнале, но, како што вели, недоволно добра за очекувањата на граѓаните.

-Како опозиција ќе бидеме постојано тука за потребите на развојот, да иницираме но и поддржиме тоа што им треба на граѓаните, да поддржиме европски реформи, да споделиме искуства, но и да критикуваме и да се бориме за демократија, слобода и социјална правда доколку новата власт се дрзне да се репризира себеси како во годините пред 2017. Покрај тоа, јас лично, со цел свој капацитет, со цела своја енергија, посветеност и знаење, ќе се вложам во заздравувањето и реформите на СДСМ како партија која искрено ја сакам и со гордост и припаѓам, бидејќи во овој момент каузите за кои целиот свој живот сум се борел се загрозени и со ослабена подлога и база, додава Маричиќ.

Тој им ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ на двојните избори и порача дека ќе продолжи да ги застапува европски реформи за членство на Македонија во ЕУ, користење на европските можности, солидарност, соработка и почитување на различностите.

-Ќе дејствувам со ум, со разум, со љубов и со посветеност, за подобра европска Македонија, за СДСМ кој води, а не заостанува. Им благодарам за соработката на сите колеги од Владата, од партијата, од граѓанското општество и од бизнис секторот со кои имав можност да соработувам во изминативе седум години, порача Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот