Маричиќ: Национализмот заедно со дезинформациите се најтешки болести на демократијата

Бојан Маричиќ - Вицепремиер за европски прашања / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Северна Македонија е скроена да биде успешен мултиетнички модел. Затоа е битно тој модел да го браниме на соодветен начин, со вистински информации и со политички концепти коишто го штитат тој модел. Национализмот е атрактивна идеја која обично се користи во предизборието, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Според Маричиќ, национализмот е силна страна на слабите политички опции.

„Слабите политички опции, кои немаат што да понудат во денешно време, како на пример Левица и ВМРО-ДПМНЕ, мораат да прибегнат кон овие инструменти. Деновиве, имавме ситуација каде што еден пратеник прикажува слика од некој друг настан, и кажува како да е тој настан кај нас. Целта на тие напади е да се замени безидејноста на тие политички опции, да се надополни со национализам. Со емоции, со чувства“, вели Маричиќ во интервју за ЦИВИЛ Медиа.

Тој посочи дека национализмот, заедно со дезинформативната пропаганда и со говорот на омраза, се најтешките болести на демократијата.

„Борбата со дезинформациите и со говорот на омраза како најмалигни појави во борбата за демократско општество е постојана и секојдневна, согласно случувањата во светот и државата. Ние како Северна Македонија, како една од поновите членки на НАТО и како држава кандидат за членство во ЕУ сме постојана мета на малигните напади на дезинформациите, говор на омраза, национализмот и се она што има за цел да ја наруши довербата на граѓаните во ЕУ, да ја поткопа довербата во демократијата и генерално кон системот“, додава Маричиќ.

Тој смета дека граѓаните секој ден се мета на напади од дезинформации, голем дел и наседнуваат на тие дезинформации. Затоа, како што појансува, кон ова прашање потребно е да се настапи со подеднакво внимание и значење, како и кон сите други прашања.

„И тука е улогата на граѓанското општество. Мислам дека тука треба и похрабро, и поотворено да се кажуваат некои работи, и да се означуваат лажните вести, дезинформациите и говорот на омраза, ако сакаме да го заштитиме здравото ткиво на нашето демократско општество“, додава Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот