Маричиќ на средба со директорките во германското МНР за Западен Балкан
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари онлајн состанок со директорките во германското Министерство за надворешни работи за Западен Балкан, Забине Штер и за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, Сузане Шуц, на кој ги информирал за активностите во рамки на новиот дијалог со Бугарија, резултатите од тековните реформи и за моменталните состојби во регионот и ЕУ.
Препорачано
– Германските колеги ми ги пренесоа позитивните сигнали и поддршката што во континуитет ја имаме од нивната земја, што претставува силна потврда за посветеноста на Германија за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, но и признание дека како земја направивме многу, реализиравме сериозни европски реформи и остануваме посветени на евроинтегративниот пат на земјата, напиша Маричиќ на својата официјална Фејсбук страница.
Маричиќ исто така ги информирал дека Секретаријатот за европски прашања веќе работи на ревидирање и ажурирање на реформскиот план, што ќе се однесува на приоритетните препораки од Извештајот на ЕК за земјата, како и на целосна подготовка на државната администрација за процесот на пристапни преговори, со цел полесно да се одговори на бараната нова методологија.


