Маниленд

Македонецот прво ќе го „шитне“ медот, а после ќе му ја мисли. Иако му се допаѓа Ханиленд, не се труди да ја разбере приказната, затоа што сепак милува да живее во „Маниленд“.

Верувам дека најголем дел од граѓаните на оваа земја искрено се израдуваа на успехот на Ханиленд. Се разбира, освен дежурните психопати и вработените по штабови, на кои целата оскаровска еуфорија им одзема од времето за политичка кампања и ширење контракултура. Филмот ги освои срцата на Македонците, без разлика дали го гледале или не, затоа што „приказната за пчеларката“ за момент го врати она чувство на гордост на родител што го гледа сопственото дете како победува во некој училиштен натпревар, онаа милина на душата што произлегува од успехот на колективно вложениот ум. Атиџе Муратова стана симбол на сето она што сакаме да сме ние, признаени таленти со своја лична мудрост, цврст став, и видливи дела.

Филмот мајсторски ја раскажува приказната без многу зборови и навистина за мене секоја сцена беше потресна. Дали поради тагата и бедотијата во која сите ние живееме, дали поради кармичката, божја филозофија за „давањето и земањето“, но веројатно најмногу поради една од навидум, транзициските приказни што ја поврзуваат „големата слика“ во целост. Имено, има една сцена во филмот, каде што „газдата“ го сече големиот паднат трупец за да ја извади матицата и целосно го уништува она што Атиџе цел живот се труди да го сочува, затоа што од тоа гнездо ќе се изродат нови матици, па ќе има „и за неа и за пчелите“. На „газдата“ му е битен моментниот профит и е занесен од звукот на паричките што веќе ги слуша како шушкаат во неговиот џеб, па заборава дека догодина нема од каде да има да си извади матица за новите кошници. Е, тоа е за мене сликата на просечниот Македонец: умислен газда што ја сече гранката на која седи и тој, и сите што се со него.

Можеби грубо ви звучи оваа споредба и малку од вас ќе успеат да се идентификуваат со неа, ама фактите говорат друго. Да тргнеме, нормално од Атиџе, пчелите и медот. Некој „умислен“ таму му текнало да ја награди жената со тоа што ќе ја направи чистачка, и тоа го труби на сите страни како свој личен успех. Човекот, всушност, размислува како и секој просечен Македонец: ако жената нема некое „класично“ образование, тогаш автоматски мора да е чистачка. Па, дури и ако си има жената своја работа, нема шанси да ја ставиме, на пример, за министерка за човекова околина. Па дури и ако работата со која се занимава жената обединува милиони активисти, и ако мотивира разни капиталисти да го донираат своето богатство во заштитата на пчелите, кои навистина се еден од пресудните фактори во функционирањето на живиот организам наречен планета Земја. Македонецот прво ќе го „шитне“ медот, а после ќе му ја мисли. Иако му се допаѓа Ханиленд, не се труди да ја разбере приказната, затоа што сепак милува да живее во „Маниленд“.

Нашиот Македонец сака станови, и за себе и за децата, и наместо чист воздух преферира автомобил, затоа што на велосипед „делува“ сиромашно. Тој не љуби да посетува стари куќи и цркви, па затоа гради кафулиња и пицерии. Му пречат и трските по езерата, затоа што му го расипуваат погледот, па ги сече, и онака се доволно фотографирани. Не ги сака ни пчелите ни врапчињата, како што не ги сака комарците, тие му брмчат и го вознемируваат. Јас верувам дека „нашиот“ Македонец и воопшто не ја сака и почитува својата околина. Да беше така, немаше денес да се гушиме во ѓубре ниту во гнасен воздух. Тој сака да е „газда“ и да стопанисува со својата околина. Го полага правото на целата околина, на водата, на воздухот и на сонцето, затоа што за него тоа се ресурси, а не околина. А тоа е сосема спротивно на она што се обидува да го каже и филмот и Атиџе самата.

Ама баш поради неа, и поради незнајните многумина слични на неа, верувам дека имаме излез. Нашата мајка се грижи за сите свои деца и верувам дека ќе ни го врати и гнездото со „матицата“. А нашата обврска кон неа е повторно да ги пронајдеме тие „диви пчели“ и „кралицата“. Само така ќе се пронајдеме себе и своето вистинско „јас“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот