МАМАВИЗИЈА | Мелник: Поради војната понекогаш не можеме да се слушнеме со мајка ми, не знам дали брат ми е жив
Русинката Снежана Мелник од Украина, уметница, која веќе 12 години живее во Македонија, нè почести со своето присуство во „Мамавизија“. Мелник е млада мајка на возрасни деца, 22-годишна ќерка и 20-годишен син. Поради работните обврски на сопругот (Украинец) кога децата им биле мали, се преселиле во Македонија.
Препорачано
Мелник со солзи во очите зборува за тоа колку ѝ е тешко што нејзината мајка, фамилијата и пријателите живееат во земја каде што се води војна. Вели дека понекогаш поради интернетот не може да се слушне со мајка ѝ која многу ѝ недостасува.
– Во нашиот крај ситуацијата не е јасна 12 години и сè тоа стои како фон во твојот живот, како некоја тажна песна што ја слушаш во твојата глава, понекогаш забораваш и се вклучуваш во секојдневието, си бараш да најдеш мали радости што секој човек може да ги забележи… да излезе на сонце, убаво кафе, пријатно друштво, ама тој тажен дел секако постои во душата и ти не можеш за тоа ништо да направиш, освен да се помириш со ситуацијата што животот е таков. Кога ја напуштивме Украина, тоа беше Источна Украина, сега моментално регион Донбас, под руска окупација, може да кажеме. Моите имаат руски пасош, како државјани на руската држава. Со мајка ми, секако, комуницираме два, три, четири пати неделно, се слушаме на телефон, иако во последно време станува многу потешко, зашто снемува Вибер, снемува Ватсап, снемува Телеграм и ти бараш како можеш да одржуваш контакт – вели таа.
Мелник ни сподели потресна вест за тоа дека од нејзиниот брат, кој учествувал во војната, нема ни трага ни глас.
– Иако на вести се вели дека на Русите не им дозволуваат да зборуваат на украински јазик и дека постои конфликт меѓу Руси и Украинци, јас не доживував нешто такво кога живеев во Украина. Брат ми е Русин кој зборува на руски јазик и учествува во војна на страна на украинската војска. Тој е исчезнат пред осум месеци и ние немаме никаков контакт со него и не знаеме каде се наоѓа. Не знаеме дали е убиен или побегнат или некаде во затвор. Нема никакви информации, ни од украинска страна, ни од руска, од независни страни пробавме да го најдеме. И многу е тешко кога не знаеш каде се наоѓа еден од твоите најблиски луѓе. Не посакувам никој од ничија фамилија да учествува во војна. Дај Боже сите војни да завршат и луѓето да се занимаваат со многу поинтересни работи отколку со војна – вели Мелник.
Во емисијата таа раскажува за нејзиниот пат кон мајчинството. Како ја пребродиле преселбата од родниот крај во туѓа земја, како како мајка им го објаснила тоа на децата дека одеднаш ќе живеат во друга земја и дали им се допаѓа животот во Македонија. Со Мелник направивме споредба помеѓу украинската и македонската мајка.
Погледнете уште една уникатна приказна за мајчинството вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на „Мамавизија“ е Александра Вуксановиќ.


