МАМАВИЗИЈА | Гордана Ѓорчева: Бременоста ја поминав во диско, на 20 години не знаев како да се пазам
На 19 години останува без татко, цел живот ја гледа сопствената мајка како сама се обидува да ги изведе на прав пат нејзе и нејзината сестра. Прекрасната Гордана Ѓорчева, познато ТВ лице, ја прифати нашата покана и ги распосла своите емоции во нашето студио.
Препорачано
За првпат пред очите на јавноста, таа раскажува за нејзиниот пат до мајчинството. Вели дека со оглед на тоа што останала бремена на само 20 години, во исто време ѝ било и тешко и лесно, открива за тоа како ѝ поминал разводот со првиот сопруг, татко на нејзината ќерка Луција, таа со грутка во грлото го раскажува и периодот кога го губи Бранко, отворено зборува за животот по неговата смрт, а со очи полни солзи, во емисијата, се присетува и на својата мајка.
Ѓорчева останала бремена многу млада.
-Со таткото на Луција се земавме многу млади. Јас имав 20, тој 21 година. Кога ќе ме прашаат велам „буквално, деца чуваа дете“, буквално беше така. Мене не ми беше јасно што значи тоа дека сум бремена, не знаев да се пазам, цела бременост ја поминав по дискотеки, излегувавме, се дружевме – раскажува таа.
Со Ѓорчева направивме паралела за царскиот рез во тоа време и денес, како и за откривањето на дворога матка пред 30 години.
-Се чекаше до последен момент и на крај докторите констатираа дека ќе мора да се породам со царски. Папочната врвца и беше околу врат на Луција. Тогаш, пред 34 години царски рез и денес се два различни поими. Денес слушам, гледам дека мајките поминуваат преку низа испитувања, примаат лекови на време за да не настанат компликации. Мене, на пример, ми се случи по породувањето да ми се откачи тромб. Исто така ќе споделам дека откако станав мајка ми открија дека јас всушност сум имала дворога матка, замислете? Докторите не го констатирале тоа ни при процесот на породување. Среќа што Луција била зачната во поголемиот дел, но мојата состојба беше причина предвремено да ја родам и причина да не сакам второ дете – рече таа.

Со Ѓорчева разговараме и за тоа како на едно дете да му се објасни разводот на родителите.
-Јас не сфаќам што е тоа „заради детето да останеме заедно“. Кога двајца родители се караат и повеќе нема хармонија, тоа не се добри глетки за детето, тоа не е добар пример, тоа не е повеќе дом. Децата учат од родителите. Не сакам да дискутирам во случаи каде што има семејно насилство, па ако е машко дете утре и тој може да стане насилник, за што сме сè почесто сведоци на примери. Ние со таткото на Луција се разделивме цивилизирано. Верувам дека нашата ќерка тоа не го доживеа како траума, впрочем и таа денес за тоа вели „добро сте постапиле“ – вели нашата соговорничка.
Животот со неа не бил милостив, губењето на нејзиниот животен сопатник, незаменливиот актер Бранко Ѓорчев, значел нов удар, по губењето на татко ѝ кога имала само 19 години.
-Не знаев што со себе. Тоа беше огромен стрес за мене. Бидејќи, за жал живееме во општество полно со малограѓанштина, се плашев дека ќе бидам осудувана, дека ако повторно започнам љубовна врска ќе ме распнат на гилотина. Мене ми требаше долго време да се заздравам по смртта на Бранко, но убедена сум дека ниту еден човек не треба да биде сам, секој треба да има партнер покрај себе. Јас кога почина татко ми, по извесно време ја поттикнав и мојата мајка на ваков чекор, да почне да размислува, но таа тогаш многу ми се налути. Да не бидам сфатена погрешно, тоа е мое видување за животот, не ги осудувам и оние што одлучуваат да бидат сами, вели таа.

„Мамавизија“ секојпат се обидува да отвори дискусија за важни прашања. Со нашата денешна гостинка дискутираме за оставањето на родителите во дом за стари лица, дали е тоа погрешни или кога е тоа исправно.
-Мајка ми ја загубив за време на пандемијата. Таа се разболе многу, лежеше и во болница, остана неподвижна и самата побара да ја сместиме во дом за стари лица, велеше „не сакам да ви бидам товар“. Многу ми е криво што поради короната беа забранети посети и во болници и старски домови, па ние пет месеци не смеевме да ја видиме, таму почина и никогаш повеќе не ја видовме – со силни емоции се присетува Ѓорчева.

Гледајте „Мамавизја“ на јутјуб каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на проектот е Александра Вуксановиќ.


