Мали камерни состави: Jубилеен концерт на виолинистката Пламенка Трајковска

На репертоарот на концертот „Лејдис анд џентлмен“ се композиции од опусот „Светулки“ за соло виолина во поп романтичен стил, теми од албумот „Апасионато“ од Пламенка Трајковска и македонски кросовер од албумот „Корени“.

Виолинистката Пламенка Трајковска на седми јули, во Сули ан, со почеток во 20.30 часот, ќе го одржи својот јубилеен концерт со наслов „Лејдис анд џентлмен“. Во форма на мултимедијално доживување, Трајковска ќе го претстави создаденото во изминатата деценија, наменето како за најмладите, така и за вљубените во музичкиот кросовер, во обработките на народните песни, но и за сите љубители на вечната убавина и моќта на класичната музика.

На концертот ќе настапат и нејзините долгогодишни соработници, колегите од гудачкиот квинтет и од „Трио џентлмен“. Концертот е поддржан од Министерството за култура, а се одржува во рамките на „Скопско лето“.

Пламенка Трајковска е дел од оркестарот на државната Филхармонија, како и на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Настојувајќи да ја доближи класичната музика на поширок аудиториум, Трајковска гради и негува особен, богат и препознатлив музички израз, постојано проширувајќи ја жанровската и естетската рамка на своите оригинални и мултимедијални музички програми.

Авторка е на албумот „Апасионато“, музички албум со кросовер на класична и модерна музика, на сингловите „Светулки“, создадени во поп романтичен стил, и на албумот „Црвената виолина“, со интерпретации на латино теми. Минатата година за најмладите слушатели Трајковска го издаде албумот „Карневал на животните“ со композиции од Камиј Сен-Санс, адаптирани за виолина и пијано.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 38, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот