Малезија: Трамп го потпиша договорот за прекин на огнот меѓу Камбоџа и Тајланд
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша договор за прекин на огнот меѓу Камбоџа и Тајланд, кратко по пристигнувањето во Малезија, првата станица од неговата азиска турнеја за време на која се очекува да се сретне со својот кинески колега Си Џинпинг, објави Ројтерс.
Препорачано
Договорот беше потпишан во Куала Лумпур од страна на камбоџанскиот премиер Хун Сен и неговиот тајландски колега Анутин Чарнвиракул, како и од американскиот претседател.
Трамп е во еднодневна посета на малезискиот главен град за да присуствува на самитот на Здружението на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН). Потоа ќе отпатува за Јапонија и Јужна Кореја.
Тајланд и Камбоџа беа зафатени со петдневни борби во јули, при што загинаа десетици и привремено беа раселени повеќе од 300.000 цивили, во најжестоките борби меѓу двете земји во повеќе од една деценија. Борбите беа предизвикани од долготраен граничен спор.
Југоисточните азиски земји постигнаа прекин на огнот кон крајот на јули откако американскиот претседател Доналд Трамп посредуваше во договор.
На летот за Малезија, Трамп го поздрави „Големиот мировен договор“ за кој рече дека бил „со гордост договорен“ меѓу двете земји.
Но, договорот потпишан денес го претставува Малезија, која го има ротирачкото претседателство со АСЕАН и одигра голема улога во преговорите, како договор за прекин на огнот – а не како мировен договор.
Малезискиот министер за надворешни работи Мохамад Хасан, кој внимателно ги следеше разговорите, вчера изјави дека новиот договор се однесува на распоредување регионални набљудувачи во спорните гранични области.
„Сакаме да нема повеќе прекршувања на прекинот на огнот“, рече тој.
„Двете земји мора да го повлечат своето тешко вооружување од областите опфатени со (договорот), а во втората фаза да продолжат со деминирање“ по должината на нивните граници, нагласи тој.
Десетици Камбоџанци продолжуваат да живеат во импровизирани кампови откако беа иселени од селата на границата што Тајланд ги смета за дел од своја територија.
Тајланд, од своја страна, изјави дека е подготвен да преговара со Камбоџа под услов Пном Пен да го повлече тешкото оружје од границата, да ги деминира тие територии, поефикасно да се бори против мрежите за онлајн измами и да ги отстрани своите граѓани од областите што ги бара Тајланд.


