Македонските „рисови“ со петарда во мрежата на Лихтенштајн

Фото: ФФМ/facebook.com/footballfederationofmacedonia

Македонската А репрезентација вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје во својот втор натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство убедливо го совлада Лихтенштајн со резултат 5:0 (1:0).

Пандев уште во петтата минута можеше прв да ја затресе противничката мрежа, но неговиот удар немаше доволно сила и истиот беше одбранет. Притисокот на нашите играчи уште од стартот се исплати со првиот погодок, после прекршокот врз Алиоски, Барди кој е препознатлив по неговите одлични удари, тоа го почувствуваше и голманот на Лихтенштајн Бухел кој се обиде да одбрани, но незгодната топка од неговите раце заврши во мрежата за предност од 1:0.

Фото: ФФМ/facebook.com/footballfederationofmacedonia

Во 12 минута Барди можеше повторно да се запише во листата на стрелците, од слободен удар овојпат ја погоди пречката. Пет минути подоцна првата закана дојде и од гостите, Фрик сакаше да возврати на ист начин, таа топка незгодно од тревата отскокна, се одби од телото на Димитриевски на петерецот каде што за негова среќа беше Муслиу кој ја отстрани опасноста.

Нашите играчи воглавно ја контролираа играта и топката во текот на средбата, а ривалите ориентирани повеќе на одбраната шансата ја чекаа евентуално од контранапади или некоја случајна грешка на нашите дефанзивци. До новата шанса Македонија чекаше до 37 минута кога Пандев во казнетиот простор убаво со гради ја спушти топката до Радески кој се обиде да постигне, но право во голманот на гостите.

Фото: ФФМ/facebook.com/footballfederationofmacedonia

На стартот од второто полувреме беше постигнат и вториот гол (51`), убава акција од левата страна преку Елмас кој правовремено го пронајде Барди, а овој успеа да ја протне топката до Трајковски на кој не му беше тешко да се запише во листата на стрелците (2:0).

Само три минути подоцна играчот на Мајорка го запиша и вториот погодок со еден убав прецизен и силен удар за веќе недостижни 3:0.

Во 58 минута Ангеловски направи тројна замена, теренот го напуштија Барди, Пандев и Ристовски, а настапија Николов, Несторовски и Бејтулаи. Токму Несторовски, фудбалерот на Удинезе веднаш запиша асистенција до Елмас кој го постигна четвртиот гол за нашата селекција (62`). Четири минути подоцна домаќинот направи уште две замени, Трајковски и Алиоски заминаа на клупата, а своја минутажа добија Хасани и Ашковски.

Фото: ФФМ/facebook.com/footballfederationofmacedonia

Триумфот беше комплетиран во 82 минута, Марксер направи прекршок во шеснаесетникот врз Николов, а сигурен од белата точка беше Несторовски кој го забележа 10 погодок во националниот дрес.

Следниот трет меч во квалификацискиот циклус, „рисовите“ ќе го имаат на 31 март во Дуизбург против Германија со почеток од 20.45 часот.

Квалификации за СП 2022

Група „Ј“
2. коло, резултати –

Ерменија-Исланд 2:0
Македонија-Лихтенштајн 5:0
Романија-Германија 0:1

Табела: Германија 6 бодови, Ерменија 6, Македонија 3, Романија 3, Исланд 0, Лихтенштајн 0.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот