Малите производители на ракија не може да продаваат во маркетите
Во моментот има 30 регистрирани мали дестилерии, кои законски годишно може да произведат само 2.500 литри домашна ракија. Над 80 отсто од грозјето е од нивните лозја, а остатокот се откупува од познати лозари. Првенствен производ е чистата лозова ракија, но во последните години се прави и од сливи, дуњи, цреши, круши и од јаболка
Одлежана во дабови буриња, ракијата што ја прават малите семејни дестилерии од Тиквешкото виногорје се прави според традиционална рецептура и е со врвен квалитет, за што сведочат Гран при наградите на многу регионални манифестации. За жал, продажбата на овој пијалак е лимитирана само на куќниот праг, во рестораните или на саемите и сè уште чека да „фати“ ред во некои од големите маркети.
Иако има потенцијал за извоз, македонската ракија од малите производители не ги поминува границите на земјава, а причината според Александар Клинчаров, претседател на Здружението „Македонски дестилерии – Кавадарци“, е фактот што тие се регистрирани како физички лица. Во моментот нивното семејство брои 30 членки и постојано расте, а законски тие годишно може да произведат само 2.500 литри домашна ракија.
Секој нивен производ е регистриран во царината и запечатен со контролна маркичка, која е доказ дека се платени сите давачки. Но и покрај тоа, регистрираните дестилерии се борат со нелојалната конкуренција на оние што на црно печат ракии, кои може да предизвикаат сериозни проблеми за здравјето на граѓаните.
– Годинава родот на грозјето ни по квантитет ни по квалитет не е како ланскиот, но сепак ќе извадиме добра ракија. Над 80 отсто од грозјето е од нашите лозја, а остатокот се откупува од познати лозари. Првенствен производ е чистата лозова ракија, но во последните години ја правиме и од сливи, дуњи, цреши, круши и од јаболка. Во малите дестилерии ракија печат и неколку генерации од исто семејство. Се разбира дека и ние како и другите земјоделски сектори се соочуваме со недостиг на работна рака и затоа се трудиме што повеќе млади луѓе да се свртат кон семејното производство – објаснува Клинчаров.
Тој е горд што на нивна иницијатива пред три години беше заштитена автохтоната сорта грозје „станушина“, која полека се враќа на тиквешките лозја.
Традицијата на домашно производство на ракии трае со векови, а не постои македонска куќа во која нема да ви посакаат добредојде со една чашка домашна лозова, се согласува Трајан Ангеловски, претседател на Сојузот на стопански комори. Оваа комора потпиша Меморандум за соработка со Здружението на семејни дестилерии и во иднина ќе лобира кај државата за поголема поддршка, зачувување на традицијата преку својата Туристичка комора.
– Традицијата на употребата на ракијата во Македонија не е само за консумација, бидејќи во минатото се користела и во медицински потреби. Овој производ се прави според светски стандарди и консултација со врвни енолози. Оттука, државата мора повеќе да го промовира како извозен адут, а и да ги стимулира странските туристи да ја посетат „македонската Тоскана“ – истакна Ангеловски.
Од ССК посочуваат дека на нивна заложба во списокот производи што подложат на Законот за нефер практики, влегле ракиите, виното и пивото.
Има надежи за враќање на бочварството
Здружението „Македонски дестилерии – Кавадарци“ се залага за враќање на бочварскиот и казанџискиот занает, вели претседателот Клинчаров. Сега тие ја набавуваат целата амбалажа од шише до тапа од странство, ракијата ја печат во казани што се увезуваат од Србија, а ја складираат во странски буриња.
– Кавадарци имаше долга традиција на производство на буриња и казани. Нашиот даб благун е најдобар за изработка на буриња за складирање на ракијата, но, за жал, овие производи мора да се увезуваат. Затоа се трудиме повторно да го развиеме бочварството, оти и покрај одличното домашно дрво, ракијата ја ставаме во бочви што ги набавуваме од странство – вели Клинчаров.