Трио „Аперто“

Македонскиот КИЦ во Загреб ја отвора концертната програма со настап на трио „Аперто“

Со Концерт на реномираното трио „Аперто“, во состав Марина Трајковска – виолина, Момчило Куфојанакис – виолина и Весна Ангелова Христов – пијано, македонскиот КИЦ во Загреб на 19 мај, во 19 часот, ја отвора концертната програма за оваа година.

Триото „Аперто“ веќе подолг период активно дејствува на македонската и меѓународната музичка сцена, со јасна мисија за афирмација и развој на класичната музика и камерното музицирање. Нивната уметничка соработка претставува значаен придонес за збогатување на музичко-сценската дејност, не само во Македонија, туку и на меѓународно ниво.

Во изминатите години трио „Аперто“ реализираше успешни концерти во повеќе градови во Македонија, а на меѓународен план настапуваше во Тирана, Истанбул и Њујорк, претставувајќи ја македонската музичка уметност пред поширока публика.

Концертот во Загреб носи внимателно избрана програма која опфаќа различни епохи и музички стилови, со особен акцент на македонското современо творештво, регионалната музичка соработка и дела од светската класична музика.

Особено внимание привлекува фактот што трио „Аперто“ е ретка камерна формација – две виолини и пијано – што претставува вистинско освежување на концертната сцена и можност овој тип на камерно музицирање да се доближи до пошироката публика.

Со овој концерт, Македонскиот КИЦ во Загреб ја продолжува својата мисија за промоција и афирмација на македонската култура и уметници во меѓународен контекст, при што ваквите настани ги рефлектираат државните политики за развој на културната дипломатија како значаен двигател за јакнење на меѓукултурниот дијалог, културната размена и меѓународната соработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот