Македонскиот Бугарин Петар Колев стана дел од раководството на новинската агенција БГНЕС

Петар Колев ГДУ/ Фото: Утрински брифинг

Претседателот на македонската политичка партија Граѓанско-демократска унија и гласен поборник за интересите и правата на македонските Бугари, Петар Колев, од денеска е дел од раководството на бугарската новинска агенција БГНЕС, соопшти агенцијата.

БГНЕС на својот портал пишува дека Колев, кого го опишува ако „активист за човекови права“, дипломирал право на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ и дека долги години го водел „Граѓанскиот демократски сојуз“ (партијата се вика Граѓанско-демократска унија) во РС Македонија.

Во веста се вели дека пред да ја преземе функцијата во БГНЕС, Петар Колев успешно завршил „обука за менаџирање со медиуми во ЕУ“.

„Авторитетот, слободата и професионалноста во БГНЕС е вистински предизвик и чест е да се биде дел од Агенцијата БГНЕС. Со поддршка на тимот што го познавам со години, убеден сум дека ќе придонесе за успешна реализација на нови проекти“, порачува Колев.

Сопственици на Агенцијата БГНЕС, од основањето во 2001 година до денес, се новинарот Љубчо Нешков и неговата сестра Славица, кои се родени во Македонија. Тие велат дека нивниот татко Темелко, кој емигрирал во Бугарија, 12 години лежел во македонските затвори поради пробугарски идеи.

На последните парламентарни избори во Македонија, партијата на Колев, чија политичка платформа во голема мера се потпира врз промоцијата на интересите на Бугарите во Македонија, освои 3.555 гласа.

Колев постојано е присутен во бугарската јавност и се декларира како заштитник на правата на Бугарите во земјава. Заедно со поранешниот пратеник, портпарол на Владата и портпарол на Министерството за одбрана, Ѓорѓи Трендафилов, во февруари годинава беа во Софија на средби со бугарскиот претседател Румен Радев и со членови на бугарската влада, на кои се жалеа за состојбата правата на Бугарите во Македонија. По тие средби, Радев ја промовираше идеја за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав. Според Преговарачката рамка за членство во ЕУ, токму ова прашање е услов за одржување на втората Меѓувладина конференција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот