Македонски предисториски предмети со изложбата „Првите благородници во Европа“ се претставени во Канада

Изложбата е поставена во Канадскиот музеј на историјата во Гатино - Отава

Изложбата „Првите благородници во Европа“ неодамна беше отворена во Канадскиот музеј на историјата во Гатино – Отава, со што продолжува изложбената турнеја низ Северна Америка, а во која се вклучени и предисториски предмети од Македонија.

На изложбата, заедно со околу 700 други наоди од Балканот, изложени се и артефакти од македонските локалитети Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, а со цел да се претстави клучната улога на овој регион во долгата и комплексна трансформација од најраните земјоделски заедници до првите европски кралства.

Изложбата е дел од проектот „Првите кралеви на Европа“, иницирана од Филдовиот музеј во Чикаго, во соработка со 27 музеи од 11 балкански земји. Во неа како македонски претставници учествуваат Завод и музеј – Битола, Завод и музеј – Прилеп и Музеј – Гевгелија, координирани од археологот Гоце Наумов.

– Изложбата воедно претставува и првото презентирање на македонското културно наследство во Канада, што секако е можност за канадските граѓани, но и за македонската дијаспора, да се запознаат со функцијата и значењата на некои од најексклузивните предисториски предмети во Македонија – истакнува Гоце Наумов.

Имајќи го предвид реномето и високите стандарди на Канадскиот музеј на историјата, оваа изложба е изведена со извонреден дизајн кој ги вклучува посетителите во автентичниот амбиент на секој од предисториски периоди (неолит, енеолит, бронзено и железно време).

Таа ќе биде отворена до јануари 2025 година и се очекува да ја видат повеќе стотици илјади посетители, што воедно е извонредна можност да се претстави македонското културно наследство пред многу поширока публика.

Изложбената турнеја на „Првите кралеви во Европа“ беше започната во 2022 година во Институтот за проучување на старите култури во Њујорк, а потоа во 2023 година беше десет месеци поставена во Филдовиот музеј во Чикаго.

Овој проект е, исто така, и најголемото претставување на балканската предисторија во светот досега, што предизвикува многу големо внимание меѓу стручната и пошироката јавност. За потребите на изложбата публикувани се ексклузивен зборник и каталог, а во кои како автори се вклучени и македонски археолози.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот