Ѓорги Чачкиров

Македонски авио-крстопат

Во рамките на владините или други официјални преговори за привлекување странски авиокомпании за проширување на авиосообраќајот од и кон двата наши меѓународни аеродроми, да им се предложи отворање нивна „истурена станица“, во Скопје или во Охрид, со целокупен организациски, кадровски и технолошки капацитет и со вработување и на наши кадри. Избраната компанија би летала под заеднички договорено име и би била регистрирана со македонско знаме.

Kако авијатичар што сиот свој волонтерски и професионален пат го минал во македонската цивилна авијација, секогаш се радувам на секој нов востановен лет или дестинација, од и кон Скопје или Охрид. Се радував повеќепати и во минатото кога ја најавив можноста, а подоцна и учествував во формирањето на првата македонска авиокомпанија.

Наспроти моите лични знаења, размислувања и повеќедецениско искуство во воздухопловството, се јавуваат прашања и одговори полни со парадокси.

Деновиве бевме сведоци на „свеченост“ по повод воведувањето на линијата Истанбул – Охрид – Истанбул, на која присуствуваа министер и други државни службеници што одливот на парите од Македонија го прославија како голем успех за државата. Тоа се случуваше и претходно. Можеби јас сум само авијатичар и понекогаш тешко ги разбирам економските, политичките, новинарските и пристапите на некои други кон овој настан, но ќе заклучам дека домашниот воздухопловно-оперативен кадар е (речиси) бројно помал од вкупно вработените во Агенцијата за цивилно воздухопловство, а парите спечалени на македонското небо одат кон странски авиокомпании и концесионери на аеродромите во земјава.

Домашна авиокомпанија одамна немаме, затоа многу домашни фактори и останати споменати – ги дочекуваат, организираат гостопримство или пишуваат за некоја странска авиокомпанија што долетала или одлетала од скопскиот и од охридскиот аеродром, притоа правејќи им бесплатна реклама, а за себе – вкнижуваат плус во политичкиот маркетинг.

Регистрацијата и дејноста на овие авиокомпании спаѓа во групата „комерцијален сообраќај“, што значи бизнис, односно трагање и етаблирање на нови профитабилни дестинации за профит. Во нашиов случај, тој авиопрофит, во најголема мера не останува кај нас, туку завршува во буџетот на странската компанија, онаа којашто е „рекламирана“ бесплатно. Одамна во светот нема бесплатен ручек!

Се прашувам, дали таков третман имаа некогашните македонски, односно домашни авиокомпании? Дали тие беа вака поддржувани, дочекувани и испраќани, субвенционирани, од дома или од надвор, на каков било начин? Се разбира НЕ!Ниту цент! Секоја власт се натпреваруваше во дисциплината на загорчување на животот на домашните авиопревозници на микро и макро ниво и конечно остварија пирова победа над домашните – во која денес ужива некој трет вон нашата земја! Браво за сите! Со таков пристап на тогашните (сите) власти, домашните авиокомпании беа однапред и свесно осудувани на пропаст, иако парите од нивното работење доминантно остануваа кај нас дома, наменети за платите на наши вработени граѓани, за давачки кон државата, а летовите беа првенствено насочени кон потребите и интересите на нашите граѓани. Од лично искуство и скромна статистика, како пример ќе споменам дека во одредени периоди од годините (првата декада на 21 век), домашните авиокомпании имаа и по три летови дневно кон одредени, исти, целни дестинации за да ги задоволат барањата на тогашниот авиопазар на патници и стока. Ќе го додадам и тоа дека домашните авиопревозници, во периодот на нивното постоење, во просек, превезуваа 40-45 % од вкупниот број патници на нашите аеродроми, што не беше економско занемарливо за општото добро на државата. Наспроти таквите пазарни резултати, во еден период, паметам, беа покренувани и домашни институционални постапки за оценка на монополска позиција на домашните авиокомпании во време кога кон и од Македонија оперираа повеќе од десет странски авиокомпании! Каков апсурд!

Да не заборавивме и на значајната улога на домашните авиокомпании во најдраматичните моменти за нашата држава, како што се враќањето на нашите војници и наши граѓани од завојуваните подрачја на поранешната СФРЈ, косовската бегалска криза, кога ниту една странска компанија не леташе од и кон македонскиот простор итн. Со таков пристап, додека расправавме за поддршка и субвенционирање или не, за монополска позиција или не и слично, постојните домашни авиокомпании пропаднаа. И покрај тоа, константно се јавуваа и домашни и странски интересенти за етаблирање нова македонска авиокомпанија, но според нивни изјави, им биле поставувани „високи“ барања, надвор од вообичаените предвидени со закон. Така, дефинитивно и неповратно, останавме без наш домашен авиопревозник. А македонскиот „авио-пазар“, сега, со околу два милиона патници годишно, останува и понатаму „интересен“, повеќе за странците отколку за нас.

Во таа насока, иако јас лично, до пред дваесетина години, постојано зборував за потребата и можностите дека на Македонија ѝ треба домашен авиопревозник, веќе одамна не посочувам и не зборувам за тоа! Причината е мошне едноставна. Со игнорирање, несоодветен пристап и без стручна анализа и знаење, полека но сигурно, се одлеваше или старееше воздухопловниот кадар, за конечно, речиси и воопшто да го нема. Минатото лето изгоревме (а не дај Боже и ова) бидејќи немавме пилоти за авионите за гаснење пожари низ земјава поради општ недостиг на пилоти. А без таков, елементарен кадар, илузорно е да се говори за иманентноста за домашен авиопревозник.

На крајот на оваа куса елаборација, којашто не ја насочувам со цел за критика кон некого, упатувам на уште една воздухопловна можност во интерес на нашата сопствена држава и авијација.

Овој пат, конкретно, упатувам и предлагам еден нов пристап за етаблирање домашен авиопревозник. Тоа претпоставува, во рамките на владините или други официјални преговори за привлекување странски авиокомпании за проширување на авиосообраќајот (коишто се од времен карактер), од и кон двата наши меѓународни аеродроми, на маса да им се стави уште една опција, предлог или барање. Имено, да им се предложи отворање на нивна „истурена станица“, во Скопје или Охрид, со целокупен организациски, кадровски и технолошки капацитет. Се разбира, со вработување и наши кадри.

Избраната компанија би летала под заеднички договорено име и би била регистрирана со македонско знаме. Летовите би ги реализирала според сопствени анализи на пазарот, сопствени планови и избрани дестинации, но како македонска авиокомпанија. Едновремено, таа би реализирала и посебни летови, од интерес на државава. Истата би била регистрирана согласно со одредбите од нашиот Закон за цивилно воздухопловство.

Таквата можност и определба би била отворена за учество на странски компании, како и на авиокомпаниите што веќе летаат од нашите аеродроми. Во секој случај, заради компатибилност на воздухопловната регулатива, пожелно е избраната компанија да поседува Европски сертификат за летање, односно да има седиште во некоја европска држава.

Во насока на развивање и на официјализирање на ваквата идеја, потребно е да се направи и поширока елаборација. Во неа, конкретно и конечно, би се посочиле правата, обврските и поддршката на таквата домашна авиокомпанија, како и барањата од наша страна. Патот до создавање таква компанија не е „денес за утре“, но сепак нејзината вредност заслужува нужно внимание. Конечно, изборот на истата би можел да се реализира по пат на меѓународен оглас, со отворен повик или со директно преговарање. Во принцип, ваквиот систем на формирање на домашна авиокомпанија, покрај обостраните интереси и вложувања, може да претпоставува и плаќање извесен годишно утврден или процентуално договорен надомест, односно такса за доделената можност за користење на македонските воздухопловни права, аеродроми и небо. Таа е позната во меѓународниот воздухопловен жаргон како „Royality“. На тој начин, наједноставно, би се постигнал баланс на интересите на обете страни, секако, и некаков бенефит за нас. Постојат и други „варијации“, услови и можности кон реализација на истата, но за тоа, потоа! Конечно, тоа би била вистинска „ударна“ новинарска вест и повод за општо славење!

(Авторот е сообраќаен инженер – професионален пилот во пензија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот