Владимир Блажев – Панчо - Фото: Инстаграм

Почина Владимир Блажев – Панчо од ДНК

Со огромно жалење ја пренесуваме веста што утрово длабоко ја потресе македонската јавност. По долга и тешка битка од повредите здобиени во трагедијата во Кочани, во која како последица од страотниот пожар животот го загубија 63 лица, почина Владимир Блажев – Панчо, член на легендарното дуо ДНК, за „Слободен печат“ потврдија од болницата „Аџибадем Систина“, каде што се лекуваше.

Си замина уште една легенда на македонската музика. Тешко е да се најдат зборови кои можат да ја опишат болката и празнината што ја остава неговото прерано заминување. Панчо беше уметник со големо срце, човек кој преку својата музика ги обединуваше генерациите и создаваше песни што ќе живеат засекогаш.

Повеќе од дваесет години, заедно со својот музички брат Андреј, како ДНК, оставија неизбришлив белег на македонската сцена. Нивните песни не беа само хитови – тие беа приказни, емоции и дел од животите на многумина. Со своите стихови и искрен настап, Панчо допираше до душата на публиката и ја освојуваше со секој збор.

Длабоко сочувствуваме со семејството на Панчо, со неговите најблиски, пријатели и со сите што го познаваа и го сакаа. Загубата е огромна, не само за музичката сцена, туку и за цела Македонија.

Од Аџибадем Систина изразија сочувство и истакнаа дека, почитувајќи ја приватноста на пациентите и согласно Законот за заштита на правата на пациентите, не можат да споделуваат дополнителни информации.

Панчо ќе остане запаметен како симбол на талент, добрина и искреност. Неговата музика ќе продолжи да живее како потсетник на човекот кој знаеше како да ја претвори емоцијата во песна.

Сочувство до семејството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот