Македонија одигра реми без голови против Р. Ирска на стадионот „Авива“ во Даблин
Вечерва на пријателскиот натпревар на стадионот „Авива“ во Даблин, најдобрата македонска фудбалска репрезентација одигра без голови (0:0) против селекцијата на Република Ирска.
Препорачано
Мирен почеток имаше во првите пет минути од натпреварот, со почетно тестирање на силите, и двете селекции се обидуваа да имаа поголема контрола на топката. Веднаш по истекот на 10 минута, се движеше опасна акција на домаќините околу нашиот шеснаесетник, непосредно пред голот на Димитриевски, една нафрлена топка дојде до Иган кој се обиде со глава да дојде до погодок, но неуспешно.
Ирците сега сè почесто беа на нашата половина, во 14 минута следуваше нова опасност на противникот преку Огбене кој прими топка, шутираше, но неговиот удар го блокираше дебитантот Фетаи.

Успешно се браневме во понатамошниот период од мечот, а во 20 минути во еден од нашите ретки напади, уште еден од дебитантите во националниот тим, Херера, успеа да изнуди слободен удар од околу 15 метри што беше одлична можност да се загрози противничкиот гол. Како што и се очекуваше Барди упати удар, но истиот го одбрани ирскиот голман Келехер.
Во 24 минута Ирците се заканија преку Перот кој се обиде со глава, но немаше никакви проблеми за Димитриевски. Фетаи непотребно загуби топка во средниот ред, по што им овозможи на домаќините контра, а истата заврши со прекршок на работ на шеснаесетник со слободен удар кој го изведе Азаз, но за наша среќа шутираше над голот.
До крајот на првото полувреме Ирска имаше уште една убава шанса преку Перот кој по грешката на Велковски шутираше кон голот на Димитриевски, но без реализација. Непосредно пред паузата двапати беше затресена македонската мрежа, но истите погодоци беа поништени поради офсајд.
По паузата селекторот Гоце Седлоски направи три замени, минутажа добија Ристовски, Серафимов, како и новиот македонски репрезентативец Мусовски.

Ирците и на почетокот од вториот дел нападнаа со сите сили да дојдат до водечки погодок, а ние воглавно бевме ориентирани во одбраната. Во 55 минута Азаз шутираше од околу 17-18 метри, но топката помина покрај левата статива на Димитриевски. Уште четворица од клупата за резервни играчи по еден час игра во Даблин добија шанса, тие се Дориев, Станковски, Николов и Рамадани, а нешто подоцна и Муслиу.
Ирците ни извршија голем притисок, многу потешко доаѓавме до нова прилика во текот на второто полувреме да се обидеме да упатиме удар кон ирскиот гол. Во 67 минута успеавме да се доближиме кон противничкиот шеснаесетник, се изборивме за слободен удар, но на истиот Николов многу лошо центрираше и опасноста веднаш беше отстранета.
Рамадани, играчот на Шкендија, предвреме го напушти теренот поради повреда, па на негово место во игра влезе Бејтулаи. Следуваше мирен период од 10-15 минути без никакви возбудувања на двете страни, Ирците и натаму имаат повеќе посед на топката, а ние ретко го гледавме голот на Ирците. Се имаше чувство како едвај да се чекаше крајот на овој натпревар, и двете репрезентации се чуваа од нови повреди пред да продолжат со клупските обврски, иако на одредени моменти имаше неколку сериозни дуели на теренот.
Во судиското надополнување од седум минути, во контра која ја почна Станковски, топката дојде до Мусовски кој имаше можност да шутира, но не успеа да упати ни удар, па Ирска успеа без никакви проблеми да се одбрани. Имаше доста прекини на овој меч, домаќините создадоа уште неколку шанси во самиот финиш, изнудија уште еден слободен удар кој го изведе Ајда, но шутираше право во „живиот ѕид“. Останаа уште две минути до крајот на мечот, нова убава шанса имаше Ирска преку Кени кој убаво беше проигран од Ајда, се најде сам пред Димитриевски, но нашиот чувар на мрежата имаше успешна интервенција и ја спаси нашата репрезентација од пораз. Ги спречивме сите напади на ривалот и успеавме да дојдеме до реми без голови (0:0).
Пријателски натпревар
Стадион „Авива“, Даблин
Реп. Ирска – Македонија 0:0 (0:0)
Македонија: Димитриевски, Зајков, Велковски (Серафимов 46`), Фетаи (Муслиу 66`), Чурлинов (Дориев 61`), Барди (Ристовски 46`), Алими (Станковски 60`), Костадинов (Николов 60`), Херера, Елмас (Рамадани 60`, Бејтулаи 71`), Растодер (Мусовски 46`).


