Македонија лидер во Европа по смртни случаи: Нема лек за корона, сѐ зависи од природниот имунитет

Македонија ковид-19. / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ковид-19 коси се повеќе млади луѓе. Неделава во Делчево почина 32-годишно момче. Во тетовскиот ковид-центар почина 21-годишник кој немал никакви придружни болести. Лекарите велат дека нема начин на кој може да се предвиди како болеста ќе го нападне организмот.

Македонија со 80 смртни случаи од ковид-19 е лидер во Европа по бројот на смртност на 100 илјади жители во последната недела. Веднаш зад нас се Црна Гора со 60, Русија со 38, Бугарија со 29 и Грција со 21 смртне случај од ковид-19 на 100 илјади жители.

Во земјава, од коронавирусот умираат и млади луѓе. Неделава во Делчево почина 32-годишно момче, а во тетовскиот ковид-центар завчера почина 21-годишник кој немал никакви придружни болести. Според лекарите, причината за тоа е природниот имунитет кој не може да го совлада вирусот за кој нема лек.

Доктор Гзим Нуредини, раководител на ковид-одделението во Тетово, посочува дека 90 проценти од работата за уништување на вирусот, е работа на природниот имунитет што пациентот го има пред хоспитализација, а само 10 проценти на антивиралните лекови или другата терапија што се администрира во болниците.

– Уште не постои специфична терапија за коронавирус. Самиот природен имунитет треба да го совлада вирусот, зашто нема лек. Многу лица што се асимптоматски, сами се борат со вирусот. Има антивирални лекарства, ама тие не се стопроцентни и не е докажано дека го уништуваат вирусот. Има болести каде е многу битна терапијата која се дава, што не е случај со ковидот. Тука најважен е самиот имун систем кој мора да е функционален без други проблеми. Се работи за вирус кој во голем број ги убива тие што се со хронични болести и луѓе чиј имун систем е инсуфициентен, недоволен и слаб, изјави Нуредини за „Слободен печат“.

Во ковид-центарот во Тетово во моментов има 121 хоспитализиран пациент. Лесни случаи меѓу нив нема. Бројот на амбулантски прегледи е висок, над 200, а дел од овие прегледани пациенти за неколку дена завршуваат во болница, така што интензитетот на хоспитализациите не опаѓа.

– Сите пациенти ни се во тешка здравствена состојба и на кислородна поддршка. Се бориме, вели доктор Нуредини.

За само една недела, дури 166 граѓани починаа како последица на коронавирусот. Здравствените власти причините ги лоцираат во тоа што голем број од нив биле невакцинирани и имале сериозно тешки комбинирани болести.

– Многу голем број од пациентите доаѓаат доцна на лекар, кога болеста е веќе во сериозен развој и состојбата веќе е критична. Втора причина за смртноста на пациентите со ковид е бидејќи истите имаат многу коморбидни состојби. Од почетокот на пандемијата во болниците постојат утврдени протоколи за лекување на пациентите, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Лекарите со кои разговаравме велат дека нема начин на кој може да се предвиди како болеста ќе го нападне организмот, меѓутоа тие уверуваат дека вакцинацијата ја намалува можноста за тежок исход и смртност од ковид. Директорката на Инфективната клиника доктор Милена Стевановиќ вели дека сите пациенти кои починале на оваа клиника биле невакцинирани.

– Сите беа со тешки болести од претходно, но не сакам оние што сметаат дека се апсолутно здрави да сметаат дека не можат да развијат тешка болест. Мораме сите да сме многу внимателни и да се придржуваме до препораките. Најважно е да се вакцинираме, апелира доктор Стевановиќ.

Според неа, тешка слика развиваат и млади луѓе кои немале коморбидитети, а делта варијантата на вирусот е досега најразорна.

Министерството за здравство смета дека ниската стапка на вакцинација помеѓу младата популација е она што, за жал, е причина сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот