Македонија ја победи Словачка во Прешов и е на чекор од пласман на Светското првенство 2027
Денеска во првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство во Германија (13-31 јануари 2027 година), на гостувањето во Прешов ја совлада Словачка со 31:24.
Препорачано
Убава и убедлива предност за избраниците на селекторот Кирил Лазаров пред реваншот кој е закажан за 17 мај од 19.00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Ваков убедлив резултат не се најавуваше во првите 18 минути од првото полувреме кога двата тима се менуваа во водство.
При нерешени 9:9, направивме серија од 4:1, по што одржувавме два-три голови разлика до пред паузата, а при позитива од 16:13, со головите на Костески и Кузмановски по првите 30 минути водевме со 18:13.
Во второто полувреме одигравме уште подобро, контролиравме предност од пет-шест голови разлика, а во 43 минута дојдовме и до највисоки 25:17 по погодокот на Џонов.
Ништо не се менуваше до крајот на мечот, не им дозволивме на Словаците во ниту еден момент да се понадеваат на евентуално враќање во мечот. Постепено имавме шест-седум голови предност, македонските ракометари искусно и квалитетно во нападот и одбраната го одведоа мечот до висока и значајна победа.
За македонската репрезентација најефикасни беа Кузмановски со 10 голови, и Лазаревски со седум. Голманот Томовски придонесе со 13 одбрани. На спротивната страна по четири погодоци имаа Бриатка и Махач.


