Македонија и Хрватска потпишаа Стратешки договор за соработка во транспортот, безбедноста и енергетиката
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со хрватскиот колега рече дека „нашиот пат кон ЕУ, за жал, е со непринципиелни блокади“, по што ѝ се заблагодари на Хрватска за принципиелноста по ова прашање, додека Андреј Пленковиќ ги истакна добрите меѓусебни економски односи и го пофали „добриот третман на Хрватите во Македонија“.
Денешната посета не претставува само дипломатска средба меѓу две влади, туку и потврда на едно пријателство кое се градело со години – односи темелени на меѓусебна почит, разбирање, соработка и искрена поддршка, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, по нивната денешна средба во Охрид.
Препорачано
Според Мицкоски, Хрватска е близок партнер на Македонија, пријателска земја и сојузник во НАТО, земја со која, како што рече, споделуваме многу заеднички интереси, слични регионални предизвици, но и заедничка визија за стабилен, безбеден, развоен и европски Западен Балкан.
Воедно, нагласи дека соработката се подигнува на уште повисоко ниво, откако денес е потпишан Договор за стратешка соработка меѓу двете Влади.
„Овој договор е повеќе од дипломатски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна политичка определба за продлабочување на односите во области што се од суштинско значење за иднината на двете држави. Нашата стратешка соработка ќе биде заснована врз принципите на меѓусебно почитување, целосно уважување на суверенитетот, меѓународното право и заедничките интереси на нашите граѓани“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека во услови на нови глобални предизвици, нестабилност, безбедносни ризици и економски трансформации, денес повеќе од кога било е важно државите што споделуваат исти вредности да градат посилни партнерства.
„Договорот што денес го потпишуваме создава можности за уште поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори. Ќе работиме на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, кибербезбедноста и управувањето со границите“, посочи тој.
Што се однесува на прашањето на евроинтеграциите, Мицкоски истакна дека за Македонија тој процес не е само надворешнополитичка цел, туку, како што рече, институционално созревање, владеење на правото, економски развој, модернизација и создавање подобри услови за живот за нашите граѓани…
„Нашиот пат кон ЕУ, за жал, е исполнет со непринципиелни блокади поради што се доведува во прашање интегритетот на самиот процес. Но сакаме да веруваме во Европа – во вредностите, принципите и во Европа што препознава реформи, посветеност и резултати“, рече премиерот, изразувајќи благодарност до Хрватска за принципиелната политика по прашањето.
Хрватскиот премиер Пленковиќ, од своја страна, ги истакна добрите економски односи меѓу двете земји за кои рече дека постепено достигнуваат ниво од речиси 350 милиони евра годишна размена, што смета дека е добра основа што треба дополнително да се зајакнува.
„Го поздравувам потпишувањето на овој договор за стратешка соработка, кој е плод на меѓусебната доверба и на односите што ги имаме меѓу двете пријателски земји и двата народи. Особено го цениме добриот третман на Хрватите во Македонија, како и третманот на македонското малцинство во Хрватска. Се радуваме на унапредувањето на таа соработка и ќе продолжиме да ги поддржуваме програмите поврзани со македонското малцинство во Хрватска, исто како што ја цениме грижата за Хрватите во Македонија“, посочи Пленковиќ.
Во врска со потпишаниот договор за соработка во областа на енергетиката, тој рече дека се работи за една од најважните теми не само за двете земји, туку и за целата Европска Унија.
„Во последните години поминавме низ неколку големи кризи и настојувавме да обезбедиме сигурност во снабдувањето со енергија, како и прифатливи цени, што се темел на нашите економии. Верувам дека оваа соработка ќе овозможи дополнителен напредок и во тој сектор. Особено ми е драго што разговаравме и за соработката во транспортот. Двете земји се наоѓаат на важни трансевропски транспортни коридори, а тоа е особено важно за вас“, рече Пленковиќ.


