Македонија е нехуманиот „затвор“ за малата Ембла

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

И, што ќе направат македонските граѓани со тоа пишување на ФБ?! Ќе ја покренат јавноста?! Ќе го решат системски проблемот? Како што го решија проблемот со убиството на пешачки премин на младата Викторија од Радовиш. Кое веќе се заборави по онаа: секое чудо за три дни, кај нас ниту еден.

Не, јас таква мизерија и лицемерие не сум видел на веков и во светов. Постојано ви повторувам дека Фејсбук, но и сите други социјални мрежи се еден амбиентален и душевен кокошарник, платформа на коjа Македонците и македонските граѓани истураат гнев, бес, пизма и жолч и, во случајот со малата Ембла од Гостивар, своето лицемерие. Колку патетика, поддршка, загриженост, осудување се покажа на социјалните мрежи, чиниш Македонците се светци, што се грижат за сите останати во својата општествена средина. Да бидеме искрени пред себеси – колку од тие душегрижници би сакале и би им било мило нивните деца да учат во исто одделение или во иста група во градинка со деца со посебни потреби, особено аутистични или деца со Даунов синдром?! Веројатно, малку. Но, кога Македонецот треба да ја искаже својата патријархална вредност, воспитаност, емпатија, а во суштина да го покаже своето лицемерие на дело, тогаш е прв и рамен му нема.

Со чест на исклучоците што се бројат во нашето опкружување, во суштина и во практика Македонците се злобни, себични, љубоморни, пред сè, завидливи, расипани, но најмногу од сè, лицедопадливи, слаткоречиви, т.е. лицемерни. Тоа генерално мислење дека сме добродушен народ, гостопримлив, мирен, кроток, е пак одраз на нашето лицемерие, на нашата илузија, на нашето бегство од реалноста. Да ми извините, па и секоја курва за себе смета дека е добра домаќинка кога дома ги подготвува највкусните јадења и ја држи чиста куќата. Или, пак, секој корумпиран криминалец од политичар и јавен функционер кај нас, не само што нè убедува дека е чесен, туку некои навистина се убедени и веруваат вистински во тоа. Како болнион од Будимпешта. Нашиот, азилантот, не унгарскиот крал на Дунав.

Повторно кокодакање и гракање на ФБ без полза!

И што ќе направат македонските граѓани со тоа пишување (кокодакање) на ФБ? Ќе ја покренат јавноста?! Ќе го решат системски проблемот? Како што го решија проблемот со убиството на пешачки премин на младата Викторија од Радовиш. Кое веќе се заборави по онаа старата, нашата македонска најпозната: секое чудо за три дни, кај нас ниту еден. Спречената дискриминација на девојчето од Гостивар ја направи новинарот со својата сторија, а не јавноста која гракаше. Бидејќи, дел од јавноста (гостиварска) била свесна и запознаена со случајот. Но, молчела. Како што во многу општински и микросредини, стотици и илјадници граѓани се соочуваат со системска и општествена дискриминација, па околината (читај: народот околу нив) лицемерно и комодитетно молчи.

Во исто време, по дискриминацискиот скандал со Ембла, стигна и информацијата дека Основното јавно обвинителство во Велес, во случајот со младата Пале Илоска, која во животозагрозувачка ситуација, во самоодбрана го убила својот невенчан партнер со кого живеела, поднело обвинителен предлог „убиство во миг“ за кое ѝ се заканува затворска казна. Го убила од небрежност, т.е. во нужна и крајноизискувачка самоодбрана за да не биде убиена таа. Зарем требало да не го направи тоа и да чека тој нејзе да ѝ нанесе смртни последици, односно да ја убие?! Колку пати како папагал сум повторувал дека почетокот на толку фамозните преговори со Европската Унија, кои во моментов оние гревови од исток ни ги попречуваат, ни се насушно потребни само и само поради една причина – реформи во „сваровски“ правосудството и во обвинителството во Македонија, без тутори од ЕУ, во оваа ваква и траорно жална земја, не во наредните триесет, туку во наредните триста години нема да се спроведат. Целиот судско-обвинителски систем треба во буквална и во преносна смисла на зборот да се растури како „бугарска скупштина“ и камен на камен да не остане од него, бидејќи нахалните „сваровски“-судијки, тефтерско-телефонски именувани, ќе си прават што сакаат, сметајќи дека тоа им е авлијата на татко им. Односно на љубовникот им. Како што им беше, или сè уште им е.

Пеколот е тука само за нас, до недоглед!

Доста е. Сите граници се поминаа. Од ден на ден влегуваме од глупост во глупост, од скандал во скандал во нечовечката и неподнослива леснотија на чергарското живеење во оваа дупка од земја, државноправно, во суштина бодликаво заградена во своите минорни 25.713 км квадратни. И, за иронијата на судбината да биде најголема, единствен спас од казаматот во кој материјално, културно, духовно и системски пропаднавме и се уште надолу пропаѓаме е неговата „светост“ – бугарскиот пасош. И малку ни е. Не заслужуваме многу повеќе од ова најлошово што ни се случува. Бидејќи сами си го направивме и причинивме.

До кога ќе се залажуваме дека ова кокодакање на ФБ ќе ни ги реши проблемите?! Или само тоа очајнички ни остана?! Дури сметам дека социјалните мрежи да не постоеја, требаше некој за Македонците да ги измисли. Бидејќи само тука се чувствуваат моќни и силни. Тука се бестрашни, тука се паметни, тука се храбри, тука се од „акција“. Во реалниот живот никаде ги нема: лутаат зомбизирани низ времето и  просторот, стуткани, скриени пред малите екрани, ќе упатат по некоја пцост кога ќе ги чујат првите вести и ќе ги видат своите јавни функционери (политичари), ќе „дрмнат“ по некоја ракија со евтина салата, штотуку дојдени и изморени од аргатска работа за има-нема триста евра и ќе легнат „да ги испружат нозете“. До наредниот ден. И секој ден така. Еве веќе триесет години. Уште колку?! Веројатно до крајот на животот. И понатаму. Додека постои земјата, и времето, ако во нив нè има и нас и Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот