Македонија е дел од Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани

Фото: МНР

Македонија се приклучи кон Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани, со што ќе ги зајакне националните капацитети за справување со овој тип предизвици. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој е во официјална посета на Финска, со директорката на Центарот во Хелсинки, Теја Тииликаинен денеска го потпиша Меморандумот за пристапување, со што земјава стана 35-та земја учесничка.

Како што информираат од МНР, Османи порачал дека приклучувањето на Македонија кон Центарот се случува во исклучително значаен момент кога целиот свет, но и земјава се соочува со засилени хибридни напади.

Фото: МНР

-Приклучувањето на Северна Македонија кон Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани ќе одигра исклучително важна улога во градењето и јакнењето на националните капацитети за справување со овој тип предизвици. Истовремено, нашето учество ќе претставува додадена вредност, како за Центарот, така и за земјите учеснички кои се воедно членки на ЕУ и НАТО, поради можноста за наш придонес во размената на информации, искуства и најдобри практики, преку учеството на наши експерти во Центарот – изјавил Османи.

Од МНР додаваат дека Центарот може да послужи и како платформа за засилена билатерална и мултилатерална соработка со земјите-учеснички од ЕУ, во сите сегменти и домени опфатени со неговите активности, што ќе биде значајно за процесот на нашата натамошна интеграција во ЕУ.

Фото: МНР

-Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани е основан под покровителство на ЕУ и НАТО во 2017 година, кој претставува независна меѓународна организација која вмрежува практиканти и експерти од земји членки на ЕУ и НАТО. Неговата мисија е да ја зајакне безбедноста на земјите-учеснички преку обезбедување експертиза и обуки, споделување на најдобрите практики, давање препораки, организирање вежби, како и тестирање на нови идеи и пристапи – се наведува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот