Македонецот во Њујорк, Крсте Роџевски, ќе го промовира својот најнов албум во Скопје

Крсте Роџевски со својата тамбура

Слушачка промоција на најновиот албум „Црна Земја“ (Black Earth) на Македонецот во Њујорк, Крсте Роџевски, ќе се одржи на 5 септември, од 19 до 22 часот, во „Аудиокултура“ во Скопје. Во акустична верзија албумот беше претставен на годинашниот „Оф-фест“.

– За време на карантинот што се случуваше во текот на ковид-пандемијата ја најдов мојата стара македонска тамбура во плакарот на мојот стан во Ист Вилиџ, Њујорк, зафрлена зад облеката, книгите и старите чизми. Во текот на следните неколку дена, спонтано почнав да свирам некои архаични мелодии и стари песни – оние што ми ги пееја баба ми и дедо ми, или што ги слушав за време на семејни веселби, свадби и слично, додека растев во Битола. Решив да снимам неколку песни на мојот iPhone и му ги испратив на Бил Ласвел, да го расположам, претпоставував. Бев нетрпелив да слушнам што мисли за звукот, неправилниот ритам и прогресијата. Бил се јави таа вечер и рече дека треба да го споиме и снимиме овој материјал на начин на кој е уреден албумот „Електронска соната за душите сакани од природата“ (Electronic Sonata for Souls Loved by Nature) на Џорџ Расел. „Може да успее“, рече тој. Натприродната работа, телепатија или чиста случајност на тој момент беше тоа што кога одговорив на неговиот повик, веќе го држев токму тој албум в раце и го ставав на мојот грамофон, несвесен за несвесното – открива авторот Крсте Роџевски како е создаден албумот.

Албумот содржи 11 традиционални македонски песни компонирани под различни музички влијанија. Во снимањето на албумот учествуваат Крсте Роџевски (вокал, акустична гитара, тамбура), Доминик Џејмс (електрична гитара), Џош Вернер (бас-гитара), Бил Ласвел (бас и екстериерни звуци) и Адам Рудолф (синтир и перкусии). Миксот и продукцијата се на Бил Ласвел, а албумот е објавен за „Defkaz Records“ (2023).

Крсте Роџевски е македонски пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната „даунтаун“ сцена од неговата преселба во Њујорк во доцните деведесетти. По издавањето на трилогијата: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore“ (2018), сите објавени за „Much Prefer Records“, Роџевски ги снима „Hubris“ („MOD Reloaded“, 2020) и „Fair Weather Friends“ („Point of Entry“, 2022). Станува збор за концептуални албуми со интроспективни текстови и електроакустичен звук, збогатен со експериментални и фри-џез елементи.

Во нивното создавање, тој соработува со некои од најеминентните имиња на њујоршката експериментална и импро-џез сцена (Бил Ласвел, Томика Рид, Крис Дејвис, Икуе Мори, Мери Халворсон, Ингрид Лауброк, Тома Фуџивара, Кирк Кнафке, Крис Спид и др.), како и со неколку врвни претставници на модерната чикашка сцена (Џеф Паркер, Никол Мичел, Кен Вандермарк итн.).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот