Мајка со деца од Македонија снимена во камп во Сирија: Ја повикувам државата да нè земе, тука не можеме повеќе да седиме

Фото: Принтскрин/А2 Телевизија

Албанската телевизија А2 вчера престојуваше во сирискиот камп Ал-Хол од каде објави и репортажа, во која меѓу другите жени зборуваа и со една која вели дека е од Македонија и таа ја повикува државата да ѝ помогне со нејзините деца да излезе од кампот.

Во репортажата на телевизијата може да се забележи како децата живеат во лоши услови, меѓу прашина и отпадоци во кампот за бегалци Ал-Хол. Околу нив, жени и девојки кои носат спакувана храна и се обидуваат да исчистат меѓу шаторите.

Според сознанијата на оваа  телевизија , илјадници луѓе престојуваат во Ал-Хол. Жителите сметаат дека тоа е повеќе од камп, односно дека тоа е еден огромен затвор каде семејствата на борците на Исламска држава се заробени, изолирани и присилени да живеат во шатори.

За да најдат жени и деца од регионот, новинарската екипа на А2 морала да пребарува неколку часа.

– Условите за живот се нечовечки. Опасноста е постојана, а Курдите кои го чуваат кампот знаат дека многу од жените што живеат таму биле обучени за борба – велат од телевизијата.

Храната и облеката ги дистрибуираат курдските сили, додека водата за пиење се држи во пластични резервоари.Стотици деца се шетаат по улиците на кампот, гладни, разголени, некои работат на дистрибуција на храна и облека.

После три часа пребарување низ целиот камп, екипата на телевизијата А2 слушнала гласови на албански јазик, меѓу кои и оној на жената која тврди дека е од Македонија.

-Јас сум Ревајет Шахини од Македонија. Шест години сум тука. Имам шест деца. Ја повикувам државата да нè земе бидејќи тука не можеме повеќе да седиме, опасно е – вели една Албанка од Македонија за албанската телевизија А2.

Друга Албанка од Тирана тврди дека во кампот Ал-Хол има помалку од 20 албански семејства и таа исто така ја повикува државата да ѝ помогне, заедно со сите други семејства од Албанија да се вратат дома.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот