Луксузниот воз „Голден игл“ четири дена е заглавен во Скопје поради дојави за бомби на српските шини
„Голден игл“ своето патување го започна од Венеција како дел од 12-дневната тура до Истанбул преку неколку градови од Балканот, а беше предвидено по посетата на Скопје, каде што пристигна во петокот во 6:40 часот наутро, да се упати кон Софија истиот ден во 15:30 часот, но од Македонски железници информираат дека возот не добил дозвола да го продолжи своето патешествие до Истанбул поради дојавите за бомби на српските железнички пруги
Наместо уште вчера да пристигне во Истанбул, луксузниот 14-вагонски воз „Голден игл“ од компанијата „Данубе експрес“ веќе четврти ден е заглавен и паркиран на скопската железничка станица, откако, како што дознава „Слободен печат“, возот не добил дозвола да тргне назад кон Србија за потоа да се приклучи на железницата кон Софија поради дојавите за бомби по српските пруги, кои се појавија во петокот.
Препорачано
„Голден игл“ своето патување го започна од Венеција како дел од 12-дневната тура до Истанбул преку неколку градови од Балканот, а беше предвидено по посетата на Скопје, каде пристигна во петокот во 6:40 часот наутро, да се упати кон Софија истиот ден во 15:30 часот, но од Македонски железници информираат дека возот не добил дозвола да го продолжи своето патешествие до Истанбул поради дојавите за бомби на српските железнички пруги.
Дојави за бомби пред големиот протест, запреа возовите кон Нови Сад
Ексурзијата на луксузниот воз започна на 24 октомври во Венеција, а продолжи кон Трст, Постојна, Љубљана, Сараево, Мостар, Темишвар во Романија, па потоа Белград, Скопје, Софија, Пловдив, по што беше предвидено на 2 ноември, односно вчера да заврши во Истанбул, каде според понудата требало да има дводневен престој.

За жал, поради дојавите за бомби за кои очигледно уште нема официјална разрешница дали се лажни или пак навистина има експлозиви по српските шини, 44 патници кои за ова патување одвоиле десетици илјадници евра во саботата со автобуси биле одведени и сместени во хотели во Србија, од каде најверојатно ќе го чекаат враќањето на „Голден игл“ за да ја продолжат својата екскурзија кон Истанбул.
ФОТО | Луксузниот воз „Голден Игл“ со пит-стоп во Скопје како дел од патешествието до Истанбул
„Голден игл“ брои 14 вагони, со должина од 400 метри, тежина од околу 700 тони и максимална можна брзина од 100 километри на час. Од 14-те вагони, два се предвидени како кабини за целиот персонал кој работи во возот, потоа два вагона се користат како ресторани, еден како бар, еден за машиновозачот, а останатите осум се купеа за преспивање на патниците, чиј капацитет може да смести најмногу 80 луѓе.

Цените за ова задоволство при избор на турата „Балкан експлорер“ варираат во однос на понудата која ќе ја одберат патниците, бидејќи има два типа на купе – едното е „делукс“, кое е основна понуда, а второто е „супериур делукс“, кое опфаќа полуксузни соби и услуга од претходното.
Според вебсајтот на „Данубе експрес“, конкретно за оваа тура која започнала на 24 октомври, а ќе заврши на 2 ноември, почетната цена изнесува 17,595 евра за најосновната понуда, додека пак најлуксузната опција која можат да ја изберат патниците чини 37.795 евра.

Утринава можеше да се забележи дека возот е сè уште паркиран на скопската железничка станица и на него е закачена влеча за негово евентуално тргнување, но од Македонски железници велат дека „Голден игл“ ќе остане на македонско тло сè додека не добијат информација дека заканата за бомби во Србија е целосно отстранета и теренот е сигурен за движење за железнички транспорт.


