ФОТО | Луксузниот воз „Голден Игл“ со пит-стоп во Скопје како дел од патешествието до Истанбул
Според вебсајтот на „Данубе експрес“, конкретно за оваа тура која започнала на 24 октомври, а ќе заврши на 2 ноември, почетната цена изнесува 17,595 евра за најосновната понуда, додека пак најлуксузната опција која можат да ја изберат патниците чини 37.795 евра
Патувајќи на рута од Венеција до Истанбул, денеска во 6:40 часот наутро на скопската Железничка станица пристигна луксузниот туристички воз „Голден Игл“ од компанијата „Данубе експрес“, познат по атрактивните туристички понуди и патувања за финансиски поподготвените туристи.
Препорачано

Една од турите на оваа компанија опфаќа и краток престој во Македонија, а таа го носи името „Балкан Експлорер“, во рамките на 12-дневна екскурзија која започнува од Венеција, а завршува во Истанбул.
– Уникатното европско патување „Гранд тур“ од Венеција до Истанбул, опфаќа посета на осум земји за дванаесет дена со приватен воз. Ова „патување на животот“ ве носи од волшебниот „Град на вода“ до бисерот на поранешната Византиска империја. Потсетувајќи на префинетиот вкус и раскошната елеганција од минатите времиња, нашите возови го доловуваат „винтиџ“ шармот на златната доба на патувања. Почнете го вашето патување во Венеција пред да се впуштите низ зачудувачкиот Балкански регион каде ќе добиете искуства од Балканот со ексклузивни екскурзии пред да пристигнете во магичниот град Истанбул“, се вели во понудата на оваа тура.
Ова 12-дневно патување започнува во Венеција, а потоа кон Трст, Постојна, Љубљана, Сараево, Мостар, Темишвар во Романија, па продолжува кон Белград, Скопје, Софија, Пловдив за да заврши во Истанбул.

Возот брои 14 вагони, со должина од 400 метри, тежина од околу 700 тони и максимална можна брзина од 100 километри на час. Од 14-те вагони, два се предвидени како кабини за целиот персонал кој работи во возот, потоа два вагона се користат како ресторани, еден како бар, еден за машиновозачот, а останатите осум се купеа за преспивање на патниците, чиј капацитет може да смести најмногу 80 луѓе.


Цените за ова задоволство при избор на турата „Балкан Експлорер“ варираат во однос на понудата која ќе ја одберат патниците, бидејќи има два типа на купе – едното е „делукс“, кое чини односно основна понуда, а второто е „супериур делукс“, кое опфаќа полуксузни соби и услуга од претходното.
Според вебсајтот на „Данубе експрес“, конкретно за оваа тура која започнала на 24 октомври, а ќе заврши на 2 ноември, почетната цена изнесува 17,595 евра за најосновната понуда, додека пак најлуксузната опција која можат да ја изберат патниците чини 37.795 евра.

Посетата на нашиот главен град како една од дестинациите при оваа експедиција беше релативно кратка, земајќи предвид дека 14-вагонскиот воз во Скопје пристигна рано наутро, поточно во 6:40, а ќе се упати кон Софија во 15:30 часот попладне, оставајќи им на посетителите околу девет часа за посета и истражување на Скопје.

Низ краток разговор со главниот готвач на оваа експедиција, дознавме дека ова не е првпат возот „Голден Игл“ да помине низ Македонија, бидејќи пред само еден месец, експресниот воз пристигнал во Битола, каде престојувал три дена.
„Пристигнавме рано утринава во 6.40 часот. Сега се подготвува појадокот, кој е од отворен тип и се служи во еден од двата ресторани со кои располага возот. Откако ќе се послужи појадокот, патниците имаат можност во „слободен стил“ да излезат и да го истражат градот, а потоа околу 15:30 часот експедицијата ќе продолжи кон Софија, за на 2 октомври да пристигне во Истанбул, каде ќе престојуваме два дена. Моментално не е целосно исполнет капацитетот на „Голден Игл“, односно за ова патување се исполнети 44 места од можните 80. Патниците имаат собна услуга, три оброци на ден, а по вечерата имаат место за забава во еден од вагоните кој се користи како бар за караоке и жива музика“, вели главниот готвач за „Слободен печат“.

По престојот во Софија, возот ќе продолжи по својот пат кон, како што се вели во понудата, во волшебниот град Истанбул.


