Луда завршница во Премиер лигата: Манчестер сити со три гола за пет минути ја освои титулата

Фудбалерите на Манчестер сити во последното коло ја освоија шампионската титула/ фото: EPA-EFE/ANDREW YATES

Фудбалерите на Манчестер сити се старо-нови шампиони во Премиер лигата откако во последното коло со неверојатен пресврт, постигнувајќи три гола за пет минути, со 3:2 ја совладаа Астон Вила и до титулата дојдоа со само еден бод повеќе од Ливерпул.

Менаџерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола одлучи да се коцка на најважниот натпревар сезонава, остави поголем дел од ѕвездите на клупата и тоа за малу скапо ќе го платеше бидејќи на 15 минути пред крајот на средбата, Астон Вила водеше со 0:2.


Притисокот од важноста на натпреварот им „ги врза“ нозете на фудбалерите на Сити кои иако имаа иницијатива во текот на целиот натпревар, во првото полувреме не направија ниту една шанса, додека Астон Вила во 37 минута преку Мети Кеш го шокира „Етихад“. Шокот на навивачите беше поголем во 69 минута кога Кутињо погоди за 0:2 и го приближи поранешниот тим до титулата.

Но, на 15 минути до крајот, „резервистот“ Илкај Гундоган прво намали на 1:2, за две минути подоцна Родри да донесе израмнување. Голот вреден осма титула го постигна Гундоган во 81 минута.
Ливерпул кој на крајот заврши со еден бод помалку од Манчестер сити, во последното коло го совлада Вулверхемптон со 3:1 иако лошо го започнаа натпреварот. Готиет преку Педро Нето уште во третата минута погодија за 0:1, но до крајот на првиот дел Садио Мане доне израмнување.

Во второто полувреме, „црвените“ тргнаа офанзивно и во 50 минута постинаа гол кој им беше поништен поради офсајд. Во финишот, Салах во 84 и Робертсон во 89 минута погодија за триумф на Ливерпул кој на крајот се покажа залуден.

Тотенхем со убедливата победа над Норич со 5:0 го освои четвртото место и следната сезона заедно со Сити, Ливерпул и Челси ќе игра во Лигата на шампионите.

Пласман во Лигата на Европа обезбедија Арсенал и Манчестер јунајтед кои заврши како петти и шести, додека седмиот Вест Хем ќе игра во Лигата на Конференции.

Екипата на Лидс во последното коло успеа да обезбеди опстанок во Премиер лигата и тоа благодарение на Њукасл кој го совлада Барнли со 1:2. Лидс кој во последното коло влезе со ист број бодови како и Барнли но имаше послаба гол разлика, славеше со 2:1 на гостувањето кај Брентфорд и си обезбеди опстанок во Премиер лигата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот