Локално и автентично: Разговор со Билјана Милошевски од скопскиот вегански ресторан „Paradise food“

paradise food
Paradise food / Фото: Слободен Печат / Принтскрин/Инстаграм

Во месец јуни ги прашавме следачите на нашиот официјален инстаграм-профил @slobodenpecat да споделат со нас мали, автентични локални бизниси кои заслужуваат видливост, а не се во можност да одвојат буџет за рекламирање. Поставивме само еден услов: следбениците да имаат лично позитивно искуство со предлогот што ќе споделат. Така, преку денешниот разговор ве запознавмае со Билјана Милошевски од скопскиот вегански ресторан „Paradise food“, управителката на овој мал бизнис кој беше предложен повеќепати.

Paradise food“ или „Рајска храна“ е вегански ресторан во Скопје отворен од големи ентузијасти, чија цел несомнено била подобрување на општото здравје и квалитетот на живеење со своите здрави оброци.

Го посетивме ресторанот и сфативме дека ова место, помеѓу големиот избор на здрава храна, има и сопствено производство и преработка на намирници од растително потекло. Овој ресторан секој ден нуди различни деликатеси – азиска, медитеранска, мексиканска, руска, источна и европска кујна. Меѓу другото, произведуваат и свои вегански колбаси, тофу, путери од семки и јатки, но и леб без квасец.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Paradise Food (@paradisefoodskopje)

Веста дека овој вегански ресторан се соочува со финансиска криза и на 1 јули 2022 ќе ги затвори вратите за своите клиенти, нè натера да отидеме и да поразговараме со тимот.

Билјана Милошевски потекнува од Србија, таа е во брак со Македонец и речиси 10 години живее во Македонија. Кога ја прашавме која е нејзината улога во ресторанот, таа се насмеа и ни одговори: „Јас сум управителка на ова место, во Библијата пишува дека кој управува тој се грижи, е, па, тоа сум јас… Комплетно се грижам за ова место, а работам и во делот за продажба“.

paradise food
Paradise food / Фото: Слободен Печат

Кога ја прашавме како започнала нивната приказна за овој мал бизнис, Билјана со насмевка и тажни очи ни одговори: „Ние сме само големи ентузијасти. Постоиме од март минатата година. Веќе во април, за жал, поради пандемијата на коронавирусот моравме да го затвориме ресторанот. Па, до јуни или јули бевме блокирани поради рестрикциите, сертификатите… Но, повторно се вративме“.

Дека на многу луѓе им е од голема корист што постои едно такво место во Скопје, зборува и фактот дека откако се објави веста за затворањето, многу луѓе на социјалните мрежи се ангажираа да помогнат и прават сè за да ги разубедат во идејата.

„Она што мене ме воодушеви кога рековме дека го затвораме ресторанот е тоа што луѓето едноставно не се помируваат со тоа дека најверојатно нема да постоиме. Луѓето не ни дозволуваат да затвориме. Овие денови сме во преговори што и како да правиме понатаму, се разгледуваат сите опции и за нова локација, помал локал… Луѓе ни предлагаат секакви алтернативни решенија, само да продолжиме со нашата работа. Но, засега не се знае. Можеби ќе успееме да го убедиме сопственикот на локалот да ни ја намали киријата… Навистина со голема љубов го градевме овој ресторан“, вели таа.

paradise food
Paradise food / Фото: Слободен Печат

Но, без оглед на сè – факт е дека несомнено прават разлика во животниот стил на многу луѓе се стремат кон здравата храна.

„Голем број луѓе се задоволни со храната, работата е во тоа што луѓето се свесни дека ние не сме бизнис, ние ова го работиме од љубов. Држевме предавања низ повеќе места во Македонија, нудевме дегустација и едукација за здрава храна. Луѓето беа воодушевени од таа идеја. Но, едноставно тоа не успеа, пандемијата си го направи своето. Сè што правиме, правиме со многу љубов, ова не е само бизнис, не ни размислувавме за профит, туку да бидеме на некоја „позитивна нула“…

Се соочуваме со пораст на цените на речиси сите намирници, струјата, маслото за јадење. Тие не користат маргарин и палмино масло, туку маслиново.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Paradise Food (@paradisefoodskopje)

Покрај финанскиските предизвици, Билјана вели дека нешто што е особено важно, а тие го потцениле, е добриот маркетинг и порачува да се посветува повеќе внимание на тој сегмент.

„Се трудиме веганската храна да ја приготвиме на најздрав можен начин. Една година ги држевме истите цени, неодамна малку ги зголемивме само на одредени јадења и не сакаме здравата храна да биде привилегија на богатите, сакаме да биде достапна за секој. Тоа ни беше идејата“, вели Милошевски.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Paradise Food (@paradisefoodskopje)

Интересно е да се напомене дека исти вакви ресторани веќе неколку години постојат во Црна Гора, во Будва и во Подгорица. Сопственик на рестораните е човек по име Александар, кој потекнува од Украина и Црна Гора, но живее и работи во Црна Гора.

„Сепак Македонија е попристапна за овошје и зеленчук, тоа во голема мера ја олеснуваше целата работа. Ние не сакавме да се богатиме, ние само сакавме да ги покриеме трошоците. Имавме идеја да држиме обуки и предавања во нашиот ресторан, да го едуцираме населението за здравата храна, да вклучиме и градинки со цел да се подобри исхраната на децата“, додава Билјана.

paradise food
Paradise food / Фото: Слободен Печат

Ја прашавме Билјана како се родила идејата за овој ресторан.

„Сопствениците се вегани, тие се хранат така и сакаа да направат нешто за луѓето овде, за поздрав начин на живот. Јас 13 години бев вегетаријанец, па веган, па, пак се вратив на полувегетаријанска храна и цел живот така. Тоа ми е начин на живот“, раскажува таа.

paradise food
Paradise food / Фото: Слободен Печат

Билјана ни откри дека оваа храна нуди чувство на леснотија, па ја прашавме дали препорачува децата да се хранат со вегетаријанска или веганска храна.

„Да, јас познавам деца што никогаш не пробале месо. Нашиот сопственик само што го доби своето петто дете, сите деца му се вегани. Сè е во ред со нив. Луѓето прават грешка што преминуваат на веганска храна без некакво претходно знаење. Важно е да се знае дека ни се потребни сите основни хранливи материи, а тоа е возможно само со добра комбинација на намирниците, но, пред сè, најважно е човек да биде умерен во сè“, вели таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот