Локални избори за шахти, или за власт

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Трката за шахти, водоводи и паркови, модерно наречена хуманизација на просторот, продолжува и легитимно право на сите учесници во изборниот процес е да се обидат да го подобрат својот резултат, колку можат повеќе.

Веднаш по завршувањето на првиот круг од локалните избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ освои значителен број општини, оваа парија ја постави тезата дека граѓаните со тоа јасно го искажале своето незадоволство од генералните полтики на власта, иако на локални избори се гласа за локален развој на општините.

Многумина можеби се сложуваат со оваа теза, но на многумина веројатно не им е право што нивниот глас за подобро уредување на својата општина, некој го смета за глас против оваа Влада.

Ваквата дилема, дали на локални се гласа за шахти, или за власт, делумно ќе го расчисти вториот круг од локалните избори, но уште подобро тоа ќе го направат наредните парламентарни избори, кога и да бидат тие.
Вака, тезата дека изборниот пораз на локалните избори ќе значи јасно искажана волја на граѓаните за политички преврат на власта поради општо незадоволство, ги става во ист кош сите граѓани. И оние кои се задоволни од досегашните политики и економски мерки на оваа Влада и оние кои не се.
Тоа преведено значи, дека сите граѓани кои останаа на работа во време на пандемијата и добија плата поради мерките на власта, гласале против мерките. Дека сите земјоделци, на кои оваа Влада секоја година им подарува 160 милиони евра наши пари како субвенции, гласале против. Излегува дека администрацијата, која е галениче на власта и за која се носат сите закони за што помалку да работи, е исто така незадоволна. Или пак дека работниците, кои едвај чекаат да се изгласа законот за недела како неработен ден, всушност  сакаат да работат во недела. Дека сите пензионери се несреќни со своите пензии, па поради лошата канализација, ќе гласаат за промена на власта. И на крајот на краиштата дека големото мнозинство граѓани, кое се изјаснува за членство во ЕУ, лаже дека го посакува тоа.

Ова без сомнение се легитимни теми кои ги тангираат граѓаните, за кои имаат свое мислење, но за кои се расправа на парламентарни избори, на кои се бара поддршка од граѓаните и која една или друга политичка идеологија ќе ја добие.

Но трката за шахти, водоводи и паркови, модерно наречена хуманизација на просторот, продолжува, и легитимно право на сите учесници во изборниот процес е да се обидат да го подобрат својот резултат, колку можат повеќе.

Кој и да победи, зијан граѓаните нема да имаат, доколку оние што победиле ги исполнат ветувањата.

Употребата на поимот „сите“ граѓани, е лажна квантификација, која постои само во политичките калкулации и која нема врска со стварноста. Што се однесува пак до терминот „мнозинство“, тој сè уште се пребројува и не навлегува во квалитативно определување на изразената волја.

Тоа ВМРО-ДПМНЕ много добро го знае, но со тоа ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажува дека е во водство пред СДСМ, и во – пропагандата. За тоа веројатно имаат стекнато повеќе искуство од досегашното нивно владеење.
Не е дека и СДСМ нема своја „школа“ на пропаганда, но очигледно онаа на нејзиниот политички опонент е поконзистентна, поагресивна и главно се заснова на трендот на лажни вести за кои нема докази, но кои звучат прифатливи за добар дел од граѓанството.

Активностите на службите за „Односи со јавноста“, популарно наречени ПР, на секоја корпорација, во кои спаѓаат и политичките партии, се насочени да создадат мнение кај населението дека нивниот производ е подобар од другите, а не и да докажат дека тоа е навистина така.
Некогаш за тоа се потребни многу зборови, но некогаш тие се одповеќе.

Зборовите се како парите, вредат сè додека не ги фати инфлација. Колку повеќе ги „штампаш“, вредноста им опаѓа.
А кога тоа ќе се случи, производот, колку и да му ја креваш цената, ја губи вредноста.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот