Лога предлага пакет измени на Уставот

Кренар Лога, министер за правда/Фото: Слободен печат

Измена на преамбулата за внес на Бугарите и други заедници во уставот, надминување на вакуумот при оставка и избор на нов министер и вакуумот веќе распуштено Собрание да може да заседава за битни прашања, замена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“, министерот за правда по функција да не биде член на Судскиот совет, се само некои од предлозите кои министерот за правда Кренар Лога смета дека во пакет треба да бидат донесени со отворањето на Уставот. Лога на брифинг со новинарите ѝ понуди на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не само да делегира свои претставници во работната група за уставните измени и таа за новиот изборен законик, туку и во сите работни групи кои ќе се формираат во Министерството за правда. Министерот излезе со понуда освен претставници ВМРО-ДПМНЕ да понуди и претседатели работни групи.

„Јас усм во комуникација со сите чинители во државата, со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на државата Стево Пендаровски и со други истакната личности и верувам дека работната група многу брзо, за денови или недели ќе биде составена. Се размислува не само во делот на преамбулата Уставот да претрпи измени, туку да се реши прашањето со вакуумот кој се случи за потпишувањето на еврообврзницата со оставката на министерот и изборот на нов министер, во делот каде министерот за правда по функција е дел од Судскиот совет, во делот што беше проблематичен во пандемијата кога Собранието не можеше да заседава бидејќи беше распуштено, за промена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“. Како и да е, за сите овие прашања треба да имаме консензус, а за нас приоритет останува измена на преамбулата во делот на вклучување на помалите заедници“,  рече Лога.

Тој очекува опозицијата да биде дел од работната група и тоа не само за уставните измени туку и за Изборниот законик и сите други работни групи врзани за реформи не смао во правосудниот систем туку и во другите области.

Тој на брифинг со новинарите посочи дека Уставот ќе мора да се отвори и дека е прашање на време кога ќе биде формирана работната група. Тој не откри кои ќе бидат експертите по уставно право кои ќе треба да го подготват текстот на преамбулата.

Лога е оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ ќе делегира свој претставник и во работната група за новиот изборен законик каде исто така им понуди претседателско место. Според Лога, прво во новиот изборен законик ќе се внесат забелешките на ОБСЕ и ОДИХР и ВМРО-ДПМНЕ не би требало да го кочи процесот за да се добие еден пречистен текст на изборната регулатива.

Кога станува збор за промена на изборниот модел, односно дека ВМРО-ДПМНЕ прво бара власта да се усогласи за една изборна единица за потоа тие да делегираат свој претставник, Лога порача дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не е искрен.

„За мене ова е немање политичка волја и храброст да се влезе во измена на изборниот законик“, рече Лога.

Тој додаде дека ако нема согласност за една изборна единица, тогаш останува актуелното решение со шест изборни единици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот