Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ си се обезбедил статутарно: Мицкоски „имун“ на оставки во следните шест месеци

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ / Јули 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

За ВМРО-ДПМНЕ темата за смена на претседателот Христијан Мицкоски е завршена работа, велат од партијата по најновиот повик за негова оставка и за свикување на вонреден конгрес што вчера преку Фејсбук му го упати поранешниот пратеник од Австралија, Васко Наумовски, кој е член на реформистичката струја во опозициската партија. Според статутот на партијата, во наредните шест месеци не може да се почне иницијатива за свикување вонреден конгрес, откако на 21 септември Централниот комитет (ЦК) го одби барањето за вонреден конгрес што го поднесе самиот Мицкоски.

– Таа тема е завршена работа, ВМРО-ДПМНЕ досега ги одговори и ги објасни во јавноста сите аспекти, вели партискиот портпарол, Димче Арсовски за „Слободен печат“ во врска со најновиот повик на Наумовски.

Мицкоски завчеравечер го повтори својот став дека и да се одржи вонреден конгрес, тој нема да се кандидира, но рече и дека „нема да отстапи додека мафијашите не добијат правда“. Тој во интервју на ТВ Телма рече дека работи според статутот што го поздравила и Европската народна партија и неколкупати повтори дека не е апсолутист во партијата. Мицкоски многуте повици за негова оставка и реформи во партијата ги оцени како показател за демократијата што ја имало во ВМРО-ДПМНЕ и која ги надминувала и границите на Балканот.

– Јас сум последната брана во оваа држава на сите што се длабоко навлезени во криминал и корупција, политичари и друг тип елити. И од сите страни сум напаѓан и понатаму ќе бидам напаѓан. Тука ги подразбирам оние мафијаши што ја урнаа државата, што ја ограбија Еуростандард банка, оние што ја задолжија државата. Да се биде најнапаѓаниот политичар од страна на овие мафијаши само ми е дополнителен мотив да се борам против оваа неправда и ме прави поодлучен во таа борба. Никогаш нема да се повлечам додека овие мафијаши не ја добијат правдата што треба да ја добијат“, рече Мицкоски.

Тој не беше прецизен дали чувствува лична одговорност за поразот на парламентарните избори и порача дека и лидерот на СДСМ, Зоран Заев губел на избори, па не се повлекол од претседателското место на партијата.

Според статутот на партијата, ако ЦК не изгласа потреба да се одржи вонреден конгрес, во наредните шест месеци не може да се иницира нова постапка за негово одржување доколку целта на тој конгрес е да се гласа доверба на претседателот. На 21 септември, ЦК гласаше на барање на самиот Мицкоски и не усвои одлука за свикување вонреден конгрес. Пред истекот на шест месеци по одлуката на ЦК може да се свика вонреден конгрес само при предвремен престанок на мандатот на лидерот или ако се менуваат целите и задачите на партијата. Барање за свикување вонреден конгрес може да поднесат претседателот или најмалку половина од членовите на ЦК, а одлуката за неговото одржување се донесува со двотретинско мнозинство во ЦК. Ако се изгласа недоверба на претседателот, на истиот конгрес се избира нов претседател.

Членот на иницијативата за смена на Мицкоски, поранешниот пратеник Наумовски, го повика лидерот да ја преиспита сопствената одговорност и го потсети на серијата порази на локалните избори во 2017 година, на претседателските во 2019 година и на парламентарните од ова лето, како и за немањето прецизен став за промената на уставното име на Македонија.

– Мицкоски веќе нема кредибилитет, ниту легитимитет да ја води партијата. Водењето на улична демократија или просто кажано шетање на мал дел од членството низ скопските улици, не е висока политика или дипломатија. Во 21 век од еден прозападно ориентиран лидер на опозиција се очекува многу повеќе. Мицкоски е изолиран и што е потрагично, во таа изолација ја влече и партијата. Затоа треба да биде самокритичен и во најскоро време да закаже вонреден конгрес на партијата со истите делегати од Валандово. Само така ќе покаже дека не одработува за Заев, туку дека работи на сплотување и зајакнување на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Наумовски на Фејсбук.

По поразот на изборите повеќе поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ побараа Мицкоски да се повлече од лидерското место, меѓу кои и Ивица Конески, Митко Јанчев, Никола Тодоров, Даниела Рангеловска, Сашо Мијалков и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот