Лидерот на ДУИ Али Ахмети специјално за „Слободен печат“: Заедно да го урнеме и последното табу!

Али Ахмети /Фото: Драган Митрески

Албанецот претседател ќе го подготвуваат „цивилите“, а ќе го избираат граѓаните. Јас не сакам функции, тоа не е моја идеја туку на еден британски професор, кој во анализа од 2001 година напиша дека Ахмети ќе ја заврши политичката кариера како претседател на државата, вели лидерот на ДУИ.

Албанецот претседател на државата треба да го избираат граѓаните на непосредни избори, откако невладиниот сектор ќе го подготви теренот за тоа, вели лидерот на ДУИ Али Ахмети, појаснувајќи ја последната „бомба“ која ја фрли во екот на изборната кампања: претседателската функција е последната бариера за уривање во меѓуетнички бариери во македонското општество.

– Битно е предлогот Албанец за претседател на државата да биде граѓанска иницијатива и да биде поддржан од сите граѓани без оглед на етничката припадност. Ние го скршивме мразот кога на последните претседателски избори не излеговме со свој кандидат, туку застанавме за кандидатурата на Стево Пендаровски и ДУИ и јас лично водевме кампања да победи – вели Ахмети.

Барањата за Албанец шеф на државата, за премиер, за претседател на Собранието, за министри за одбрана, за полиција, за финансии… како цели на ДУИ беа зацртани уште на конгресот на интегративците во 2009 година. ДУИ до сега ги доби речиси сите функции, освен премиер. Таа, според нив, е остварена со тоа што во последните 100 дена од мандатот на актуелната Влада, наместо Зоран Заев ќе има премиер Албанец.

– Многу е важно да се урне и тоа табу, да се урне митот дека Албанец не може да биде претседател на државата. Треба цивилниот сектор, интелектуалци и општественици да ја отворат темата. Време е да почне да се зборува за тоа, а кога ќе се реализира, ќе видиме – вели лидерот на ДУИ.

Ахмети се попишмани и наместо како што најавуваше и како што се очекуваше да се случи претседателот Албанце да се избира во Собранието, сега со помош на граѓанскиот сектор сака тој да се избира на непосредни избори. На прашањето што го премисли за да го смени концептот за избор, Ахмети вели:

– Немам поддршка од македонските партии. Немам поддршка во Собранието за промена на Уставот во делот за избор на претседател на државата. Но, на тоа се решив и по сугестии од меѓународната заедница.

Ахмети вели дека му било сугерирано дека ако реализацијата предлогот оди преку Собранието, тоа ќе значи уназадување на демократијата. Нагласува дека за него и за ДУИ не е толку битна функцијата претседател, зашто таа е репрезентативна, симболична, колку што е битно да се урне и таа бариера. А, за да ги увери граѓаните дека нема ништо лошо да се случи, како пример ги посочува своите кадри кои до сега биле или се градоначалници, министри и други функционери.

– Еве, дали имаше меѓуетнички судири откако Фатмир Дехари веќе два мандата е градоначалник на Кичево? Не. Имаме успешни министри за надворешни работи, за финансии и за економија, како и претседател на Собранието.

Лидерот на ДУИ вели дека рано да каже дали ќе одат со партиски или надпартиски кандидат, а на прашањето дали можеби тој ја посакува функцијата, одговара:

– Јас не сакам функции. Тоа не е моја идеа, туку на британски професор во анализа од 2001 година напиша дека Ахмети ќе ја заврши политичката кариера како претседател на државата.

На забелешката дека тој од 2002 година е ( и се уште е актуелен) пратеник во сите парламентарни состави на Собраниетоандат и дека безмалку 20 години е на функција, вели дека пратеник не е функција, дека е избран од народот и дека на крајот на краиштата дека „мора да зема плата и од нешто да живее“. Ахмети вели дека само во последниот мандат почесто е присутен во Собранието поради кворумот и дека времето го минува во штабот на ДУИ во Мала Речица каде ги креира партиските политики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот