Левица: Со 1.300 амандмани блокираме поткуп на медиумите

Апасиев, Крмов / Фото: Левица

Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов поднесоа вкупно 1.300 амандмани до собранискиот архив за измените на Законот за аудио-визуелни медиумски услуги со што се одложи седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски. Според партиското соопштение, со овој чин ќе се помогне, како што велат, недемократското и авторитарно дејствување на властите.

„Оваа материја требаше да се најде пред собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија во 12 часот, но седницата на комисијата е одложена поради амандманската блокада на Левица. Нашите пратеници нема да дозволат јавниот простор и слободната мисла да бидат потиснати под чизмата на авторитарниот режим на СДС, кој ги враќа на голема врата најлошите политики од претходниот режим“, стои во соопштението од Левица.

Продолжението на седницата на собраниската Комисија, како што ни изјави нејзиниот претседател Владо Мисајловски, ќе биде дополнително закажано, откако сите амандмани ќе бидат преведени и доставени до пратениците.

Според Деловникот, измените на Законот потоа треба да се најдат на Законодавно-правната комисија, по што ќе оди на пленарна седница. Ако се суди по претходната седница на која пратениците од СДСМ и ДУИ ја изгласаа потребата од донесување на измените по скратена постапка, а ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаа, речиси е извесно дека кога ќе дојдат на пленарна седница ќе бидат изгласани, по што ќе треба претседателот Стево Пендаровски да го потпише указот за Законот.

Од кабинетот на Пендаровски не коментираат дали тој ќе потпише указот и велат дека „ќе ја почека комисиската расправа и расправата на пленарната седница за измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се брише член 102 од Законот кој забрануваше владино рекламирање во медиумите“.

„По дебатата и евентуално изгласување, претседателот ќе направи консултации и со новинарските здруженија и ќе се произнесе за понуденотото решение. Залагањата на претседателот се законските решенија во сите сфери, вклучително и во областа на медиумските права и слободи да бидат на линија со европските стандарди и практики“, изјавија за „Слободен печат“ од Кабинетот на Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот