Ренструкција на улица Самарџиска во Чаршија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Ленди груп“ за две години добила 92 тендери „тешки“ околу милијарда и пол денари

Станува збор за фирмата која на јавниот повик на Општина Чаир е избрана да изврши конзервација и рестарвација на калдрмата во Старата скопска чаршија за околу 29 милиони денари со ДДВ. „Ленди груп“ работи и на првата фаза на реконструкција на булеварот „Македонија“ што ќе го чини Град Скопје околу 76,5 милиони денари или 1,2 милиони евра.

Реконструкција и изградба на улици и булевари, пешачки патеки, партерно уредување, изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на спортски сали, па дури и набавка на материјали за огрев на училишта, се само дел од активностите кои во изминативе две години ги извршувала фирмата „Ленди груп“ ДООЕЛ од Скопје во повеќе општини низ државата.

Според податоците од Електронскиот систем за јавни набавки во периодот од јануари 2024 година до денеска, односно во изминатите две години, ова Друштво за градежништво,трговија и услуги било избрано за најдобар понудувач на дури 92 тендери, од кои 30-тина со дел од скопските општини, при што склучените договори се во вкупна вредност од околу милијарда и пол денари или нешто повеќе од 24 милиони евра. Дали „Ленди груп“ е омилена кај дел од локалните власти или умее да го понуди она што редовно „проаѓа“ на тендерите и е основен критериум за избор – најниска цена за бараната услуга?

Станува збор за фирмата која на јавниот повик на Општина Чаир е избрана да изврши конзервација и рестарвација на калдрмата во Старата скопска чаршија за околу 29 милиони денари со ДДВ. „Ленди груп“ работи и на првата фаза на реконструкција на булеварот „Македонија“ што ќе го чини Град Скопје околу 76,5 милиони денари или 1,2 милиони евра.

Токму за реставрацијата на Старата чаршија, чиј почеток вчера го најави градоначалникот на Општината, Изет Меџити, но и за изборот на фирмата која треба да го спроведе тоа реагираа од Демократската унија за интеграција. Тие ја обвинија Општина Чаир дека долгонајавуваниот „мастерплан“ за Чаршијата се свел на обична импровизација и сомнителни тендерски зделки и дека наместо да се заштити автентичноста на Чаршијата има „уништување на калдрмата и нејзина замена со асфалт“.

Според ДУИ, сето тоа се прави преку процес што отвора сериозни сомнежи, а како изведувач е избрана компанијата „Ленди груп“. Од партијата тврдат дека фирмата била основана во 2024 година која без долгогодишно искуство почнала да добива милионски договори. Од партијата посочија дека „таа се појавува како последователен победник во општините управувани од ВМРО-ДПМНЕ. Сомнежите дополнително се продлабочуваат од фактот што во одредени случаи проценетата вредност на тендерите се совпаѓа на чуден начин со победничката понуда“, изјави на прес конференција Имране Велиу-Алиу од ДУИ.

Дел од Чаршијата се реновира, дел останува искршен и со дупки

Од партијата од општинските власти побараа објаснување како новоформирана фирма толку брзо станува доминантен актер и кој ја фаворизира. Побараа и целосна транспарентност за сите договори на „Ленди груп“, за критериумите, понудите и за начинот на избор.

Но, според јавно достапните податоци компанијата „Ленди груп“ е основана уште во 2012 година, но приходи има прикажано од 2021 година,значи во изминатите пет години. Со повеќе од 34 милиони денари добивка, ја завршила 2021 година, во 2023 година имала повеќе од 60 милиони денари добивка, а во 2024 година нешто повеќе од 72 милиони денари.

Во изминатите две години компанијата добивала тендери во пет скопски општини, најмногу во Ѓорче Петров 6, потоа во Шуто Оризари и Кисела Вода, каде е избрана за градежни активности на пет, односно на 4 тендери. Од почетокот на 2024 година досега таа не била избор на јавните повици што биле објавени во Сарај, Карпош, Гази Баба, Аеродром или не учествувала на нив, а во Центар добила само еден тендер.

Највредни договори од почетокот на 2012 година до денеска „Ленди груп“ склучила со Министерството за спорт за реконструкција на спортстката сала „Расадник“ во износ од 119.229.184 денари, како и со Општина Тетово. За изградба на зграда на средно училиште оваа Општина со фирмата склучила договор со вредност од повеќе од 147 милиони денари или 2,4 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот