Ренструкција на улица Самарџиска во Чаршија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Дел од Чаршијата се реновира, дел останува искршен и со дупки

Општина Чаир започна обнова на улицата „Самарџиска“, додека, пак, на другата страна на Чаршијата, која е во надлежност на Општина Центар, за време на продолжениот празничен викенд се спроведе акција во вечерните часови, при која беа урнати продажните објекти на влезот во Старата скопска чаршија, од страната на Камениот мост

По речиси половина век, вчера официјално, а помалку и церемонијално започна реконструкција на улицата „Самарџиска“ и уште пет помали краци и улици во Старата чаршија, кои според поделената надлежност за овој простор, ѝ припаѓаат на Општина Чаир.

Градоначалникот Меџити соопшти дека овој проект има за цел да го врати сјајот на еден од најавтентичните урбани простори во Скопје, а целокупниот простор што ќе се реконструира, се протега на нешто повеќе од 1.560 квадратни метри.

– Ова е инвестиција што го враќа урбаното достоинство, функционалноста и живоста на овој историски простор. Улицата „Самарџиска“, некогаш центар на занаетчискиот живот во Чаршијата, по повеќе од половина век без сериозна интервенција ќе добие целосна реконструкција на површина од 1.567 м² – изјави Меџити.

Од Општина Чаир соопштија дека овој проект за кој се предвидени 28,7 милиони денари, или речиси 500 илјади евра, предвидува реставрација на калдрмата со травертин камен, со што, како што велат, ќе се зачува историската автентичност на просторот.

Паралелно со поставувањето на новата подлога, предвидено е и да се обнови подземната инфраструктура, која вклучува поставување оптички влакна, нов водоводен и канализациски систем, како и нова електрична мрежа, која, како што велат од локалната самоуправа, не е сменета со децении.

Ренструкција на улица Самарџиска во Чаршија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во рамките на проектот ќе се постави и ново улично осветлување со канделабри во традиционален стил, како и урбана опрема, клупи и корпи за отпадоци, со што од Општина Чаир очекуваат овој простор да биде пофункционален и попривлечен изглед за граѓаните и туристите.

Конечно отстранети дивите објекти кои ја узурпираа патеката

За време на продолжениот викенд по повод празникот Велигден, во понеделникот имаше акција и во другиот дел од Чаршијата, кој ѝ припаѓа на Општина Центар, каде што во вечерните часови, по неколку децении од нивното постоење, беа отстранети импровизираните продажни објекти на влезот во Старата скопска чаршија, од страната на Камениот мост.

На ова место имаше неколку штандови, кои со години работеа непречено и го узурпираа шеталиштето кон Чаршијата, кое беше стеснето поради постоењето на овие тезги. Овде се продаваа разни сувенири, магнети и други предмети со националните симболи на Македонија, како и традиционална облека.

ФОТО | Отстранети дивите тезги на влезот на Скопската чаршија

За време на акцијата, медиуми и граѓани споделија видеа и фотографии на кои можеше да се види како група луѓе ги отстрануваат импровизираните продажни објекти.

Интересно е што иако овие објекти со години, ако не и со децении го узурпираа просторот и го скратуваа шеталиштето за граѓаните и за туристите, службите решија токму на празничниот викенд набрзина да ги демонтираат дивите објекти на влезот од Чаршијата.

Според поделбата на надлежности на територијата на Скопје по општините, ова место спаѓа во делот на Општина Центар, која е надлежна за неговото стопанисување заедно со Градот Скопје, па затоа испративме прашања дали една од овие две институции ги отстранила дивите тезги на влезот на Чаршијата.

Тргнати тезгите во чаршија кај стоковна Мост / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Од Општина Центар ни одговорија дека продажните објекти што се отстранети биле бесправно изградени и нивните сопственици немале никаков договор со Општината, а во уривањето учествувале општинските инспектори, со поддршка од Градот Скопје и градските претпријатија.

– Екипи на Општина Центар заедно со Градот Скопје вчеравечер заеднички, во согласност со Меморандумот за меѓуопштинска соработка, ги отстранија импровизираните објекти на влезот на Старата скопска чаршија. Тоа беа објекти што немаа никаков договор со Општина Центар и беа бесправно изградени – изјавија од Општината за „Слободен печат“.

Шеталиштето ослободено, плочникот искршен

Сепак, иако Општината и Градот заеднички направија задоцнета, но важна акција и ги отстранија бесправните продажни објекти на влезот во Чаршијата, надлежните веќе подолг период „забораваат“ на подлогата од шеталиштето, поради која, за жал, она со што се соочува секој гостин во градот уште при влезот во Чаршијата, односно уште на просторот штом го помине плоштадот „Филип Втори“ е грда слика на целосна негрижа кон она што претставува историско и културно наследство на главниот град.

Искршени плочки и дупки по улицата, срамна глетка на влезот во Старата скопска чаршија

Пешачката патека на влезот од Чаршијата сега е ослободена од дивите продажни објекти, но подлогата сѐ уште е значително оштетена, има дупки и пукнатини, а поради долгиот период негрижа и немање реакција од Општината и Градот, оштетувањето на патеката од ден на ден се зголемува.

Последно кога „Слободен печат“ истражуваше и пишуваше на оваа тема, се соочи со најчестиот проблем кај локалните власти во главниот град – поделената и измешана надлежност, поради која многу локации низ Скопје со години останале нереконструирани и без конкретен „стопан“, меѓу кои и подлогата на влезот од Скопската чаршија.

Како што напоменавме и претходно, овој дел територијално ѝ припаѓа на Општина Центар, но последно оттаму ни одговорија дека локалната самоуправа не е надлежна да преземе активности за реконструкција на плочникот.

– Тоа е под надлежност на Град Скопје – тогаш кусо одговорија од Центар на прашањето дали планираат некаква реконструкција на плочникот на влезот од Старата чаршија.

Потоа, на истото прашање упатено до Град Скопје, следуваше сличен одговор, односно нè информираа дека за сите прашања поврзани со влезот и уредувањето на Старата скопска чаршија, да се обратиме до Општина Центар и Општина Чаир, кои, како што изјавија од Градот, се надлежни институции за ова подрачје.

– Ве информираме дека влезот во Старата скопска чаршија не е во надлежност на Град Скопје. Ингеренциите на Градот завршуваат на просторот на плоштадот „Филип Втори“, по што управувањето и одржувањето на овој дел преминува во надлежност на општините – велат од Градот.

Исто така, од Градот тогаш изјавија дека ќе упатат сугестија до надлежните општини, што во овој случај е Општина Центар, за постапување во однос на овој проблем, со цел навремено и соодветно решавање на состојбата.

Сепак, два месеца подоцна, само Општина Чаир, која е една од двете самоуправи надлежни за Чаршијата, започна со сериозна реконструкција на уличките, додека, пак, во однос на делот што ѝ припаѓа на Општина Центар, ситуацијата е непроменета – плочникот е раскршен, патеката е со дупки и нема никакви знаци или иницијатива за отпочнување реконструкција на овој дел од шеталиштето во Скопската чаршија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот