Лекторите по македонски јазик на МСМЈЛК при УКИМ изземени од последните покачувања на платите

УКИМ кампус
Кампус на општествени науки на УКИМ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

И покрај сериозните заложби и посветеност за ширење на македонистиката на образовен, културен и дипломатски план, лекторите по македонски јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ) кои вршат национална мисија за ширење на македонскиот јазик, литература и култура на 11 активни лекторати во светот, велат дека се принудени да живеат со просечна македонска плата во големи светски метрополи, каде што трошоците за живот се зголемени поради инфлација.

-Лекторите на МСМЈЛК при УКИМ се изземени од последните покачувања на платите на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за 22 проценти. Дополнително, лекторите во изминатиов период се соочуваат со сериозни финансиски проблеми и се принудени да живеат со просечна македонска плата во големи светски метрополи, каде што трошоците за живот се осетно зголемени поради глобалната инфлација во изминатите години. Девизниот додаток, односно додатокот за подобрување на животниот стандард во странство, кој и онака е мал, не се исплаќа редовно секој месец, што дополнително ја отежнува тешката финансиска ситуација во која се наоѓаат, се вели во соопштението.

Тие информираат дека не добиваат целосен износ на основната плата што им следува, односно добиваат само 75 отсто од износот на основната плата за работните десет месеци, што е во спротивност со Правилникот за работа на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје.

Лекторите на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје со официјално барање побараа одговори и решенија за проблемите од ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова.

Лошата финансиска ситуација сериозно го загрозува опстанокот на лекторатите по македонски јазик во странство и затоа ги доставуваме следните барања до Ректоратот на УКИМ и до Министерството за образование:

1. Наоѓање соодветно правно решение за корекција на дискриминaторската одлука за изземање на лекторите по македонски јазик во однос на останатите 3 200 вработени со цел нивната плата да го добие покачувањето од 22 % што го добија сите вработени на УКИМ. Со оглед на тоа што лекторите по македонски јазик вршат значајна национална мисија за ширење на македонистиката во светот, а и со самиот факт што живеењето во странство значи и дополнителни трошоци за живот, бараме во најкраток можен рок да се најде начин да се исправи неправдата што ни е нанесена.

2. Наоѓање соодветно правно решение за корекција на пресметката на платите, со цел лекторите за време на работните месеци да го добиваат целосниот износ од платата што им следува, односно 100 %, како и редовно исплаќање на девизниот додаток.

Доколку надлежните не одговорат на овие барања, вработените на МСМЛЈК при УКИМ во Скопје порачаа дека ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права кои се загарантирани со Уставот и законите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот