Лекарите му дале само три дена боледување на ковид пациент зависен од кислород со сатурација 80!

Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески
Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Лекарска комисија му дала три дена боледување на пациент со ковид штотуку отпуштен од болница, зависен од кислород, кому сатурацијата му паѓа на 80 само што ќе стане да отиде до тоалет. Сопругата на пациентот, Петранка Андреевска Нацевска, за Слободен печат вели дека е шокирана што нејзиниот сопруг добил само три дена боледување, иако до пред неколку дена бил хоспитализиран, прво на државно во Клинички центар на ОРЛ, а потоа во приватната клиника „Жан Митрев“ каде што го однеле на своја иницијатива.

-Откако го однесовме во Жан Митрев, таму го стабилизираа и го отпуштија после 22 дена на наше барање, бидејќи знаете какви се цените таму. Потоа ни рекоа да земе кислороден концентратор кој јас го набавив. Денеска се шокирав кога ми се јави матичната да ми каже дека лекарската комисија на мојот сопруг му го продолжила боледувањето замо за три дена, иако е кислородно зависен. Треба ли да оди на работа со кислородниот концентратор? Не можам да разберам, дали тие лекарски комисии гледаат што всушност се случува со пациентите или само така бланко потпишуваат решенија, прашува Андреевска Нацевска.

Таа тврди дека нејзиниот сопруг е на домашно лекување, меѓутоа дека не е во состојба да оди на работа, нешто што лекарската комисија воопшто не го зела предвид пред да го издаде решението. Во отпусното писмо пишува дека тој е отпуштен од болница на негово барање, нешто зад кое стојат финансиски причини и дека е кислородно зависен.

Меѓутоа, со решението од Лекарска комисија потпишано од Љупчо Настевски и Јован Гиговски, со претседател Емилија Василевска, се наложува пациентот да оди на работа од 6 мај, односно од вчера, согласно критериумите на ФЗОМ.

Во отпусното писмо пак, пишува дека пациентот се отпушта на негово барање, но уште му е потребно болничко лекување.

,,Задолжително е пациентот да ја зема ординираната терапија. Секоја промена на истата треба да биде во координација со установата каде е хоспитализиран. Пациентот и семејството се информирани за состојбата на пациентот и терапијата за дома, на јазик и начин кој тие го разбираат. Дадени се совети за нега во домашни услови. Им беше овозможено да постават прашања кои сметаат дека се за нив важни. Препорака за контролна рентгенградија на белите дробови и лабораториски анализи со ЦРП и Д Димери после седум дена. Препорака за компјутерска томографија, магнет на срце и детален кардиолошки преглед по стабилизација на состојбата”, стои во отпусното писмо во кое има и листа на ординирани таблети, витамини и медикаменти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот