-4 C
Скопје

Ларда: Сакаме да ги направиме грчките производи уште подостапни

Од 24 октомври до 1 ноември 2020, македонските потрошувачи ќе имаат можност да купуваат квалитетни грчки производи по одлични цени. Станува збор за една иницијатива на Канцеларијата за економски и трговски работи на грчката амбасада во Скопје, која е под покровителство на амбасадорот Димитрис Јанакакис, со наслов: „Недела на грчки вкусови – Квалитет што може да си го дозволите“.

Овој настанот, но и други прашања од областа на економската соработка меѓу двете земји беа повод за разговорот со Бети Ларда, шеф на Канцеларијата за економски и трговски работи во Амбасадата на Грција во Скопје.

Повод за нашиот разговор е претстојната кампања за поблиско претставување на грчките производи во Северна Македонија. Ве молиме, кажете ни нешто повеќе за тоа?

– Промотивната акција беше прифатена од компаниите за продажба на храна во Северна Македонија, коишто во соработка со грчки производители и овдешни дистрибутери на грчки призводи, ќе ги понудат производите на пазарот по специјални, привилегирани цени, во последната недела од октомври.

Оние што ќе сакаат да ги запознаат грчките производи, но и оние што веќе ги познаваат и ги претпочитаат, сега имаат можност да ги имаат на својата трпеза по уште подобри цени. Значи, тие треба само да ги посетат синџирите за малопродажба на „Веро“ и на „Тинекс“, како и продавниците за храна во Скопје, „Кандиа“ (продавница за критски производи од маслиново масло „Авеа“), „Платамонас“ (продавница за риби и морски плодови) и „Ла нои“ (минимаркет).

Особено во овој период кога пандемијата влијаеше врз куповната моќ на потрошувачите и не им дозволуваше на луѓето да патуваат во Грција, како што обично се случува, за туризам и шопинг, ние сакаме да ја приближиме Грција и преку оваа акција да ги направиме грчките производи уште подостапни за секого.

Грција е важен трговски партнер на Северна Македонија и одамна е етаблирана на трето место. Намалувањето на трговската размена е очекувана со оглед на ковид-кризата, но сепак имаме еден драматичен пад. Како во овој момент може да се подобрат трговските односи?

– Според официјалните статистички податоци на Северна Македонија, билатералните трговски односи бележат континуиран раст во последните четири години. Обемот на билатералната трговија во 2019 година се зголеми за 1,8 проценти во споредба со 2018 година ( на 856,5 од 841,1 милиони евра), за грчкиот извоз во Северна Македонија да покаже пораст од 5,1 проценти (на 683,7 од 650,6 милиони евра). Грција во 2019 година беше трет најважен трговски партнер по Обединето Кралство (на Велика Британија) и Германија.

Прочитајте и...  Владата предлага продолжување на рокот за кризна состојба до 30 јуни

Сепак, во периодот јануари – јуни 2020, обемот на билатералната трговија достигна 19.451.308 илјади денари (315,5 милиони евра), со учество од 5,4 проценти во вкупниот обем на надворешна трговија, покажувајќи пад од 24,2 проценти во однос на периодот јануари – јуни 2019 година. Вкупниот грчки извоз во Северна Македонија во овој период е 13.836.870 илјади денари (224,4 мил. евра), покажувајќи пад од 30,4 отсто во споредба со истиот период минатата година. Покрај сето тоа, грчките производи сочуваа 6,7 отсто од пазарот овде во однос на вкупниот увоз во Северна Македонија.

Вистина е дека здравствената криза има последици и врз економијата. Однесувањето на потрошувачите има тенденција да се менува и психологијата на пазар се карактеризира со посебна претпазливост. Засегнати се приходите на потрошувачите, бидејќи некои компании беа принудени да го намалат персоналот или се соочија со проблеми со ликвидноста. Покрај тоа, постои загриженост поради веројатноста и други компании да се соочат со проблеми, доколку продолжи кризата. Поради пандемијата, требаше да се преземат мерки што ја погодија економијата во сите земји и имаа фатално влијание врз обемот на билатералната трговија, со цел да се заштити животот на ранливите граѓани – и не само нивниот.

Сепак, позитивно е што синџирот на снабдување меѓу нашите земји не престана да го снабдува пазарот за време на пандемијата, и покрај некое задоцнување во испораката и приемот на стоката, и поради преземените мерки, транспортот на стоката продолжи непречено.

Верувам дека наскоро ќе го покриеме изгубеното тло создадено од пандемијата, затоа што сме соседни земји, со слични потрошувачки стандарди и комплементарност. Соработката помеѓу нас, како стратешки трговски партнери, е еднонасочна улица и игра каде што сакаат и двете страни да бидат победници.

Прочитајте и...  Си-Ен-Ен: Документите покажуваат - Кина покажувала помал број на заразени отколку што навистина имала

Грција е важен инвеститор во Северна Македонија. Какви се Вашите сознанија во однос на грчките компании што работат тука – постои ли опасност од повлекување на дел од фирмите доколку продолжи здравствената криза, која ја создаде и економската криза?

– Во Северна Македонија активни се околу 450 мали, средни и големи компании во многу и различни сектори. Во текот на последните пет години, грчките директни странски инвестиции во Северна Македонија остануваат постојано на трето место со релативно мали флуктуации во нивната вредност, односно се движат помеѓу 429 и 488 мил. евра (за разлика од другите земји на СДИ кои забележуваат големи флуктуации.)

Овој факт е сигурен знак дека грчките СДИ се поврзуваат со реалната економија и се трајни, за разлика можеби од некои други СДИ, коишто можеби се однесуваат на записи што служат главно за даночни цели.

Денес, Грција и Северна Македонија имаат можност да ги постават темелите за  суштинска и длабинска соработка, почнувајќи со зајакнување на институционалната рамка. И од двете страни постои волја да продолжат постапките за склучување важни билатерални договори, како што е тој за „избегнување двојно оданочување на доходот“. Неговото склучување ќе значи олеснување, дозволувајќи повеќе иницијативи за инвестиции.

Секторите за транспорт и енергија се од посебен интерес и покажуваат изгледи за соработка и инвестиции. Други области од интерес се земјоделството, туризмот и старт-ап претприемништвото.

Нашиот премиер Зоран Заев најави дека во октомври ќе дојдат претставниците на коморите од Грција и ќе разговараат за трговските марки, брендовите и комерцијалните имиња кои во себе го содржат терминот „Македонија“ или придавката „македонски“. Дали е веќе утврден датумот на посетата и до каде е целиот процес?

– Претставниците на грчката бизнис-заедница веќе упатија релевантни писма до органите на Северна Македонија за активирање на институционалниот дијалог на бизнис-заедниците предвиден со Договорот од Преспа. Се надевам дека наскоро ќе има позитивни случувања. Според овој договор формирана е и Меѓународна група на експерти којашто ќе им помага на бизнис-заедниците. Оваа група веќе одржа два состанока и се предвидува да ја заврши својата работа во 2022 година.

Пандемијата го прекина авионскиот и железничкиот сообраќај кон Грција. Има ли некакви најави за стабилизација?

Прочитајте и...  Фаучи апелираше граѓаните „да бидат дел од решението“ и да се вакцинираат против ковид-19

– Навистина патувањата се отежнати поради пандемијата и враќањето во нормалноста ќе зависи од текот на здравствената криза.

На пример, да напоменам дека компанијата „Ејџиан“ ја објави својата намера да ја стави повторно во функција директната воздушна врска Скопје – Атина, меѓутоа како што знаете, во една слободна економија сè се решава на финансиски план и тоа ќе го определи самиот пазар и побарувачката.

Во секој случај грчката амбасада, како и јас лично, сме првите што сакаат да се надминат тешкотиите на пандемијата и да се врати вообичаеното движење на границите.

Веќе три години сте во Северна Македонија на позицијата шеф на Канцеларијата за економски и трговски работи во грчката амбасада. Сосема накратко, кои економски прашања се отворени помеѓу двете земји и кои треба да бидат третирани во претстојниот период?

– Ја презедов мојата должност во тогашната грчка канцеларија за врски во Скопје во октомври 2017 година. Во меѓувреме, по потпишувањето на Договорот од Преспа и ратификувањето од двете страни, канцеларијата беше унапредена во амбасада. Ова само по себе е практичен доказ за подобрување на климата.

На дневен ред на разговорите меѓу двете земји постојат голем број економски прашања, кои полека почнаа да се дискутираат и регулираат. Се појавуваат можности за развој на билатерална соработка во различни области. Како пример ги наведувам енергијата и енергетските мрежи, транспортот и инфраструктурата, земјоделството и риболовот, прекуграничниот сообраќај, царинската соработка, соработката со животна средина и управувањето со водите, туризмот, дигиталната политика, искористувањето на твининг-програмите и на програмите за прекугранична соработка Iterreg и сл.

Како што споменав погоре, важно е да се подобри билатералната институционална рамка, и токму од таму треба да започнеме, со цел да се постави солидна основа за непречено водење на бизнисот и создавање безбеден пазар, во согласност со европските стандарди.

Грција има способност и волја да обезбеди стручно знаење во многу од гореспоменатите сектори. Сметаме дека ова може да биде особено корисно за Северна Македонија, во контекст на подготовките за нејзиното идно пристапување кон ЕУ.

Поврзани вести

Хрватска во шок: Докторката што го прими првиот пациент со ковид-19 во клиниката се самоубиво

Илинка Иљоска

Д-р Докиќ: Кај некои лица доаѓа до оштетување на капиларите насекаде во организмот, пред сè на белите дробови, на срцето и мозокот

Слободен печат

Филипче: Вирусот се смирува, но далеку сме од ситуација да кажеме дека може да здивнеме

Слободен печат

Бар и Меконел ја признаа победата на Бајден на изборите во САД

И.И.

За викендите ќе биде штама во Србија, рестриктивните мерки стапуваат насила од петок

Слободен печат

Над 64 милиони луѓе во светот заразени со Ковид-19

И.И.

Остави Коментар