„Крв да ни се стори“ – ново музичко „наздравување“ на Пијан Славеј, Каролина Гочева и Дуке Бојаџиев

пијан славеј каролина гочева
Фото: Принтскрин / Youtube

Ново, необично, длабоко и искрено музичко остварување на македонската сцена – дуетот на Пијан Славеј и Каролина Гочева насловен „Крв да ни се стори“, надополнет со музичката експресија на Дуке Бојаџиев.

„Ништо друго не сакам, само да те пречекам… “, но и ќе ја почека за да му удри шамарче, онака слатко и наивно додека искрено го љуби.

„Крв да ни се стори“ е танц на две опиени птички, од првото срамежливо раскрилување на топлото есенско сонце, до последниот пердушест пат во безумното вечерно вино.

Ведриот вовед кој нè навлекува на ова музичко патешествие нималку не може да нè подготви за занесот кој ни го подготвува до крајот на песната. Симпатичните лирики ќе ги поистоветиме со оние сега веќе далечни приказни на искрена и исконска љубов на претходните генерации, додека музичката низа ќе нè нурне во разбранувани музички вирчиња, како оние на кои претходно нè понесоа „I’m on Fire“ на „Stateless“, или, малку понаивно, на „онаа вечната со розите“ на Ник Кејв и Кајли Миног.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Karolina Goceva (@karolinagocheva)

Магичниот музички занес е ново автентично музичко изразување на македонското тло, во кое се чувствуваат интригантниот тон на Пијан Славеј и нежниот ек на Каролина. Како што прогресира, низ нишката се чувствува и интензивираниот израз на Дуке.

Ова музичко остварување е сплотување со соработка на Пијан Славеј, Каролина Гочева и Дуке Бојаџиев. Музиката и текстот се на Пијан Славеј, додека аранжманот и продукцијата се на Дуке Бојаџиев, а во приказната учествуваат и музичарите Трајко Симоновски-Таци, Мартина Баракоска, Мартин Џорлев, Владимир Крстев, но и продуцентот Ивица Јанкуловски.

А сега „молчи, молчи, молчи“… и уживај – „ виното нè води“, но и „Крв да ни се стори“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот