Крстевски: Што значи правда за Кочани, ако лекцијата не е научена?
В.Д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски кој не успеа да ја добие довербата на граѓаните на локалните избори, укажа на проблемот со дивоградбите на угостителските објекти кои останаа во градот. Неговиот повик беше токму вчера, по почетокот на судењето за досега најголемата трагедија во Македонија.
Препорачано
Тој праша што ќе се случува со тие дивоградби, за кои, потсети дека пред пет месеци поднел кривична пријава.
„Што правиме со дивоградбите угостителски објекти во трговски, за кои поднесов кривична пријава пред точно 5 месеци, бидејќи имав саботажа од општинските инспектори?! Треба ли да се случи нова хаварија со човечки жртви за да се постапува? Што значи правда за Кочани, ако лекцијата не е научена?“ напиша Крстевски на Фејсбук.
Тој наведе дел од вчерашното излагање на обвинителот Борче Јанев:
„Ако овој објект ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа доволни и проодни, ако плафонот и ѕидовите не беа обложени со отров што убива побрзо од пламен, ако имаше функционална вентилација, ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција,
— пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница. Затоа денес бараме одговорност по име и презиме. Бараме правда. Правда, но не заради утеха и одмазда. Правда како последица на незаконитост..
За светлата во дискотеките никогаш повеќе да не го заслепат разумот и за ниту еден лажен сјај, самоволие и привид на контрола и постапување… никогаш повеќе да не бидат посилни од човечкиот живот“.
По стапувањето на должноста В.Д. градоначалник, Крстевски се обиде да ги отстрани доградбите на повеќе угостителски објекти во центарот на Кочани, заради поголема безбедност на посетителите. Тој ги задолжи сопствениците на угостителските објекти на плоштадот во Кочани да ги остранат терасите и доградбите, но до денеска тоа не се случи.
На локалните избори за градоначалник беше избран Владко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ.


