Кризен штаб на Град Скопје: На теренот кај „Треска“ имало и цистерна полна со нафта

Фото: Кризен штаб на Град Скопје

Потребно е надлежните институции да преземат итни мерки за расчистување и отстранување на запаливите материјали и штетниот отпад од поранешната фабрика „Треска“ кој може да го загади воздухот и почвата и воопшто животната средина на граѓаните кои живеат на тој потег. Ова е еден од заклучоците на денешната седница на Кризниот штаб на Град Скопје, со кој раководи градоначалничката Данела Арсовска. Со таа постапка би се отстранила опасноста од загадување и можноста од повторување на пожари.

Градот Скопје ги става на располагање своите капацитети за помош во расчистувањето на штетните материјали, доколку надлежните институции утврдат потреба од истото, а воедно за подобра и навремена подготвеност на службите за интервенција, беше донесен заклучок да се побара информација за база на податоци од Дирекција за заштита и спасување, за мапирање потенцијални ризични места во градот каде постојат цистерни или магацини со запаливи или ризични материјали, со цел брза и навремена интервенција за заштита од можни хаварии и инциденти предизвикани од пожар – информираат од Град Скопје.

Оттаму објаснуваат дека при гаснењето на пожарот, пожарникарите биле изложени на ризик и опасност, како и околните куќи кои ги делел само еден ѕид од пожарот.

На самото место не само што постоеле извесни запаливи материјали во магацините, има и цистерна со обем од 20 илјади литри на нафтени деривати и истата е огромна опасност која ја доведува во прашање безбедноста на граѓаните – тврдат од Градот.

На денешниот состанокот присуствувале и  командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томески, директорите на јавните претпријатија и членови на Кризниот штаб.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот