Кривичен суд го прифати барањето на Рускоска: Замрзнат имотот на кумот на Груевски, Ристо Новачевски

Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје му изрече мерка притвор во трање од 30 дена на осомничениот Ристо Новачевски, кум на поранешниот премиер Никола Груевски, кој се товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацеви на Водно, а Кривичниот суд го уважи и барањето на Обвинителството за определување мерка одземање на имот заради обезбедување.

– Постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување на мерка притвор, пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје денеска беше спроведен Р.Н. заради постоење на основано сомение дека го сторил кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по чл. 273 ст.1 вв. со чл. 45 од КЗ. Судија на претходна постапка по разгледување и ценење на предлогот како и произнесување на одбраната и обвинителството донесе решение со кое го уважи предлогот и на Р.Н. му се определува мерка притвор во траење од 30 дена, информираат од Основен кривичен суд Скопје.

Основниот кривичен суд Скопје го уважи и барањето на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка одземање на имот заради обезбедување.

– Се определува привремена мерка одземање на имот заради обезбедување поради постоење на основано сомневање дека потекнува од кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл. 273 ст.1 од КЗ на начин што на правното лице му се забранува отуѓување и располагање со недвижен имот од три катастарски парцели со вкупна површина од над 10.000  квадратни метри во вредност од 1.180.000 милиони евра, посочија од Основен кривичен суд Скопје.

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.

Претходно денеска обвинителката Вилма Русковска од судијата на претходна постапка од Кривичниот суд во Скопје побарала притвор и замрзнување на имотот за осомничениот Ристо Новачевски кој се товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацеви на Водно.

– Истрагата се работела подолг временски период и е започната во поранешното СЈО, а последните неколкумесеци се работеше во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Се работи само за едно кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело” затоа што предикативното е веќе застарено. Во моментов се осомничени шест лица, изјави Рускоска пред Кривичниот суд.

Таа прецизира дека во моментов се осомничени само физички лица и додаде дека сега за сега во истрагата нема осомничено правно лице.

Во овој предмет покрај Новачевски осомничени се и поранешниот премиер Никола Груевски, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева.

Кумот на Груевски спроведен во „Шутка“ (ГАЛЕРИЈА)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот