Кристина Арнаудова со мотивирачка приказна за здравјето: „Веќе не сум слаба, ама гајле ми е, горда сум на себе“
Кристина Арнаудова рече дека е многу горда на себе и упати мотивирачка порака до жените над 40 години.
Препорачано
Познатата македонска пејачка и хуманитарка на Инстаграм сподели инспиративна објава во која ги руши стандардите за убавина и става акцент на здравјето и функционалноста на телото во петтата деценија од животот.
Арнаудова, која отсекогаш важела за една од најзгодните поп-пејачки на нашата сцена, овојпат реши отворено да зборува за својата трансформација. Таа објави детални резултати од мерење на телесниот состав, кои покажуваат дека моментално има идеален индекс на телесна маса (BMI) од 23,1 и одлична мускулна маса од 41 килограм.
„Мускулите се штит за коските и хормоните“, напиша Кристина во објавата.

Кристина и претходно објасни дека приоритетите во вежбањето драстично ѝ се промениле со текот на годините и дека откако секојдневно вежба, таа е поздрава.
„Зошто е ова важно? Зошто после 40-тата година кај жените (и мажите) е неважно дали си слаб и згоден (цел живот бев таква, слаба без мускулче на мене), туку колку мускулна маса имаш на себе!“, пишува Арнаудова.

Таа потенцира дека токму мускулната маса е она што ги штити коските, го забрзува метаболизмот и помага во регулирање на хормоналниот баланс, и вели дека ова се прашања кои стануваат клучни во зрелите години.
Иако нејзините моментални параметри се означени како „одлични“ и „идеални“, Кристина не застанува тука. Таа си постави јасна цел за следните три месеци: намалување на процентот на масти во телото од 29,5 отсто на 27 отсто и зголемување на мускулната маса од 41 на 43,5 килограми.
За крај, таа испрати порака до сите кои се опседнати со бројката на вагата: „Сега не сум веќе така слаба, ама реално, гајле ми е“, алудирајќи на тоа дека здравјето и силата се поважни од конфекцискиот број.
Со овој потег, Арнаудова уште еднаш докажа дека е вистински пример за тоа како треба да се грижиме за себе, мотивирајќи ги своите следбеници да се фокусираат на долговечноста наместо на минливите естетски трендови.


