Едвард Нортон во завршната сцена од „Боречки клуб“ - Фотографија Profimedia

Криминална цензура: Кина ги скастри крајот и поентата на култниот филм „Боречки клуб“

Избришана е завршната сцена во која Нараторот (Нортон) го убива своето имагинарно алтер-его Тајлер (Пит) и гледа како експлодираат зградите

Кинезите што ќе го гледаат „Боречки клуб“ на новата платформа „Тенцент видео“ нема да можат да ја видат поентата на култниот филм со Едвард Нортон и Бред Пит, бидејќи крајот е „брутално искасапен“ од цензори.
Од филмот сосема е избришана завршната сцена во која Нараторот (Нортон) го убива своето имагинарно алтер-его Тајлер (Пит) и гледа како експлодираат зградите и се уништува модерната цивилизација, што е главната анархистичка и антикапиталистичка порака на режисерот Дејвид Финчер.
Наместо експлозиите, во цензурираната верзија се гледа порака на црна заднина: „Полицијата брзо го откри целиот план и ги уапси сите криминалци, успешно спречувајќи детонација на бомбите“.

Епилогот во кинеската верзија – Фотографија Твитер

Притоа се објаснува дека Тајлер воопшто не е дел од имагинацијата на Нараторот, туку е испратен во „дом за психолошки третман“ и дека „подоцна е отпуштен“.

– Ова е злосторство – коментирал еден корисник на новопромовираната платформа „Тенцент видео“.

Платформата не објаснува зошто филмот е цензуриран и кој го искасапил крајот.
Жртва на цензорите пред неколку години беше и „Боемска рапсодија“, од кој во Кина биле исфрлени сцени што говорат за сексуалноста на главниот јунак Фреди Меркјури, а која всушност е главната поента на биографскиот филм.
Поради строгата државна цензура на Пекинг холивудските студија често пати самите прилагодуваат верзии на филмовите за да се прикажуваат на кинескиот пазар.
Во ерата на претседателот Сји Ѓинпинг цензорите имаат задача да го заштитат општеството од „нездрави“ влијанија од филмови, телевизиски серии и видео-игри. Администрацијата за кибернетски простор токму денеска објави едномесечна кампања на „чистење на мрежата“ за да се создаде „цивилизирана и здрава атмосфера за време на новогодишните празници“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот