Криено повеќе од 100 години: Неверојатно интервју со НИКОЛА ТЕСЛА - Слободен печат
Ви ПрепорачувамеЗабаваМагазин

Криено повеќе од 100 години: Неверојатно интервју со НИКОЛА ТЕСЛА

Цел свој живот го поминав во занес, тоа беше извор на мојата среќа.

Никола Тесла се смета за еден од најиновативните, најинтелигентните и најмистериозните луѓе кои некогаш живееле на Земјата.Човек кој дефинитивно бил пред времето и навистина може да се каже дека без него не би имале поголем дел од технологијата со која располагаме денес.

До својата смрт Тесла имал околу 700 патенти, а едно негово интервју кое наводно било криено цели 117 години, а кое Тесла во 1899 година го дал за списанието „Бесмртност“, го пренесува Експрес.

Profimedia

Во продолжение ви пренесуваме дел од интервјуто.

Господине Тесла, стекнавте слава на човек кој се заплеткал во космичките процеси. Кој сте всушност вие?
Тесла: Тоа е вистинско прашање, господине Смит и ќе се обидам да дадам вистински одговор на него.

Футуристите велат дека 20 и 21 век се родени во вашата глава, славејќи го ротирачкото магнетно поле и опевајќи ги химните на индукциските мотори. Нивниот творец го нарекуваат ловец што во својата мрежа ја фатил светлината од длабочината на земјата, воин што го заробил огнот од небото. Таткото на наизменична струја ќе направи физиката и хемијата да завладеат со половина свет. Индустријата ќе го прогласи за свој врховен светец, а банкарите за најголем добродетел. Во лабораторијата на Никола Тесла за првпат беше „скршен“ атомот. Тука е создадено оружјето што преку вибрации предизвикува земјотрес. Тука е откриен и црниот вселенски зрак. 

Тесла: Да, тоа се некои од моите поважни откритија. Сепак, јас сум поразен човек. Не го остварив најголемото нешто што можев.

Profimedia

Што е тоа, господине Тесла?
Тесла: Сакав да ја осветлам целата Земја. Во неа има доволно електрицитет за да стане второ Сонце. Светлината би сјаела околу екваторот, како прстен околу Сатурн. Во Колорадо Спрингс ја напоив Земјата со електрицитет. Исто така можеме да ја напоиме и со други енергии, како што се позитивните психички енергии. Тие се во музиката на Бах или на Моцарт, или во стиховите кај големите поети. Во Земјината внатрешност постојат енергии на ведрина, мир и љубов, нивните изрази се цветот што расте од земјата, храната што ја добиваме од неа, и сè она што ја прави човечка татковина. Поминав години барајќи начин на кој тие енергии би можеле да влијаат врз луѓето. Убавината и миризбата на розата може да се земат и како лек, а сончевите зраци како храна. Животот има бесконечен број видови, а должноста на научникот е да ги пронајде во секоја форма на материјата. Три нешта се важни во тоа. Сè што правам е потрагата по нив. Знам дека нема да ги најдам, но нема ни да се откажам од нив.

Кои се тие нешта?
Тесла: Едно е прашање за храната. Со која ѕвездена или земска енергија да се нахранат гладните на Земјата? Со кое вино да се напојат сите жедни, па срцето да им се развесели и да сфатат дека се богови?
Втората работа е како да се уништи енергијата на злото и патењето во кои минува човечкиот живот?
Третото е дали постои во вселената вишок на светлина? Јас открив ѕвезда која може да исчезне, а навидум ништо да не се смени. Таа ѕвезда е во оваа галаксија. Мојата намера не е да направам летала (авион или ракета), туку на човекот да му ја вратам светлоста за неговите сопствени крилја. Се обидувам да ги разбудам енергиите што се наоѓаат во вакуумите. Вакуумите се најголеми извори на енергија, тоа што се смета за празно само е манифестација на неразбудената материја. Нема празнина на Земјата, ниту во вселената. Во црните дупки, за кои зборуваат астрономите, се наоѓаат најмоќните енергии и извори на живот.

На прозорецот на вашата соба во хотелот „Валдорф –Асторија“ на 33. кат, секое утро слетуваат гулаби.
Тесла: Човекот мора да биде сентиментален кон птиците. Тоа е поради нивните крилја. И тој некогаш ги имал, вистински и видливи!

Никогаш не сте се женеле. Не е позната ниту една ваша љубов кон некоја жена. Фотографиите од младоста ве покажуваат како исклучително убав човек.
Тесла: Не, не сум. Може да се оди по два пата – многу или ни малку секс. Средината служи за обновување на човечкиот род. Премногу секс кај извесни луѓе ги потхранува и ги зајакнува виталноста и духот. Воздржувањето од сексот тоа го прави кај други луѓе. Јас го одбрав тој втор пат.

Profimedia

Вашите обожаватели жалат што ја напаѓате теоријата на релативноста. Чудно е Вашето тврдење дека материјата нема енергија. Сè е исполнето со енергија, од каде е таа?
Тесла: Најпрво била енергијата, потоа материјата.

Господине Тесла, тоа е исто како да кажете дека Вие сте го создале Вашиот татко, а не тој Вас.
Тесла: Токму така стојат работите со раѓањето на вселената. Материјата е создадена од првобитната и вечна енергија, која ја знаеме како светлина. Засјаела и се појавиле ѕвездите, планетите, човекот и сè што е на Земјата и во Универзумот. Материјата е израз на бесконечните видови светлина, затоа енергијата е постара од неа.

Често ја спомнувате моќта на визуелизацијата.
Tесла: На неа можеби можам да ѝ заблагодарам за сè што сум направил. Случувањата од мојот живот и моите откритија пред моите очи се реални, видливи како секоја појава и предмет. Во младоста се плашев од тоа, не знаејќи што е, но подоцна таа моќ ја прифатив како исклучителен подарок и богатство. Со визуелизација на голем дел од изумите им правев и поправки, преку неа решавам и комплицирани математички задачи без да пишувам бројки. Мојот вид и слух се совршени и смеам слободно да кажам, посилни отколку кај другите луѓе.

Profimedia

Вие сте премногу пристрасен кон електрицитетот?
Tесла: Електрицитет сум и јас самиот. Или ако сакате, електрицитет во човечки облик. Тоа сте и Вие, господине Смит, но не сте свесен за тоа.

Хотелскиот персонал зборува дека за време на грмотевици се затворате во соба и разговарате сам со себе.
Тесла: Разговарам со молњите и громовите.

Со нив? На кој јазик, господине Тесла?
Tесла: Најчесто на мојот мајчин јазик. Во него има зборови и звуци, особено во поезијата, кои се поволни за тоа.

Фантазијата за Вас е постварна од животот?
Tесла: Таа го раѓа животот. Јас се хранев со моите мисли, научив да управувам со чувствата, со сништата и со визиите. Цел свој живот го поминав во занес, тоа беше извор на мојата среќа. Тој ми помогна и во сите овие години да ја поднесам работата, која беше доволна за пет животи. Најдобро е да се работи ноќе, зашто ѕвездената светлина и мислите се во блиска релација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close