Ковид во Европа: Лом во Ломбардија, Британија со најмногу починати, Грција со заразени

EPA-EFE/EMANUELE VALERI

Италија и Грција во вторникот имаат рекорден дневен број на новозаразени, додека Велика Британија во последните 24 часа забележа 367 смртни случаи од последиците на ковид-19, најголем дневен број на починати од 27 мај.

Италијанското министерство за здравство соопшти дека во вторник во последните 24 часа бројот на заразените е 21.994, што е најголем дневен број од почетокот на епидемијата во земјата. Претходниот рекорд, објавен во неделата беше 21.273.

Министерството исто така извести за 221 смртен случај од последиците на ковид-19 во вторникот, во споредба со 141 ден претходно. Ова е првпат Италија да има повеќе од 200 смртни случаи во еден ден од средината на мај.

Вкупно 37.700 луѓе починаа во Италија од последиците на коронавирус, а досега се заразени 564.778.

Најтешко погодено подрачје и натаму е Ломбардија која извести за 5.035 нови случаи во вторникот. Јужниот регион Кампанија е втор најлошо погоден и денеска се забележани 2.761 нов случај.

Во Британија најголем дневен број на мртви од крајот на мај

Обединетото Кралство забележа во вторникот уште 367 случаи на смрт во рок од 28 дена од позитивниот тест на ковид-19, што е најголем број на мртви од 29 мај, покажуваат податоците на владата.

Бројот на мртвите во Британија расте овој месец. За споредба, во текот на првата недела од карантинот во Британија, 30 март, забележани се 374 смртни случаи.

Рекорден број на починати во Велика Британија/ Фото: EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA

Владата воведе низа ограничувања ширум земјата, зависно од состојбата на епидемијата на одредени подрачја.

Според податоците од вторникот, Британија има 22.885 нови случаи на зараза во споредба со 20.890 позитивни случаи во понеделникот.

Дневен рекорд на заразени во Грција, позитивна и министерката за образование

Грција забележа дневен рекорд од 1.259 потврдени зарази, соопштија властите, а позитивна на новиот коронавирус е и министерката за образование.

Во понделникот имаше 715 нови случаи. Бројот на случаи во земјата расте од почетокот на октомври. Починаа уште 12 лица, според податоците од вторникот. Полицискиот час е на сила во Атина и Солун.

Масовно тестирање со брзи тестови во метрото во Атина/ 20 октомври 2020/ Фото: EPA-EFE/ORESTIS PANAGIOTOU

Сотирис Циодрас, еден од главните владини научни советници, повторно ги повика граѓаните да се придржуваат кон правилата за физичко дистанцирање.

„Сите знаеме што треба да се направи, но не можеме да допреме до совеста на сите луѓе“, рече Циодрас на брифингот за новинарите. „Тоа е работа на лична одговорност. Сега е време да се слушне гласот на совеста“.

Министерката за образование Ники Керамеос рече дека позитивно е тестирана во вторникот. Керамеос (40) напиша на Твитер дека нема симптоми и дека ќе остане во изолација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот