Ковачевски: Коридорот 8 е нов економски и развоен импулс на државата

Свеченост за почетокот на изградбата на најголемиот инфраструктурен проект/Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Делниците се во проценета вредност од 1,3 милијарда евра, плус дополнителни 300 милиони евра за експропријација на земјиштето, а ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Досегашната постапка ја следат бројни контроверзии, особено околу изборот на надзорот

Со откривање табла за долгонајавуваниот најголем историски инфраструктурен проект за автопатските делници од Коридорите 8 и 10Д, денеска кај првата патарина на патот Тетово – Гостивар, беше означен почетокот на неговата изградба. Делниците се во проценета вредност од 1,3 милијарда евра, плус дополнителни 300 милиони евра за експропријација на земјиштето, а ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Досегашната постапка ја следат многу контроверзии, особено околу изборот на надзорот.

Почетокот на изградбата беше означен со свеченост на која присуствуваше премиерот Димитар Ковачевски, министри, претставници на дипломатскиот кор, политички партии и други гости. Според премиерот, ова е почеток на сериозен стратешки и државнички подвиг, чија придобивка и благодат ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на нашата земјата, но и на двете наши соседни земји кон исток и кон запад.

Ковачевски: Коридорот 8 е нов економски и развоен импулс на државата/Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

– Без разлика дали говориме за НАТО или говориме за ЕУ, или говориме за инвестициите во гасоводи, автопатишта, ветерници и сончеви централи, токму нашите остварувања докажуваат дека работиме за интересите на сите граѓани, а најмногу во интерес на идните генерации, кои ќе имаат подобар живот со овие наши чекор, одлуки и инвестиции- рече Ковачевски. Тој додаде дека со гео-стратешката позиција и Коридорот 8, стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко.

– Изградбата на Коридорот 8 значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија, како и економски и регионален развој на земјава. Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан, денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можност за нови бизниси и економски развој- поентираше Ковачевски.

Американската амбасадорка Анџела Агелер во своето обраќање пред присутните истакна дека ова е посебен ден за Северна Македонија, за Западен Балкан и за цела Европа, но и многу голем ден за САД и американскиот бизнис во земјава.

– Ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и на сите земји поврзани со Коридорот 8 и пошироко. Подобрувањето на патиштата во Северна Македонија е од исклучително значење за економскиот развој. Развојот на оваа модерна патна мрежа ќе помогне да се движат луѓето, да се движат стоките и да се привлечат инвестиции. Добрите транспортни рути како Коридор 8 ќе ѝ помогнат на Северна Македонија да ја подобри својата регионална интеграција и да изгради подобри односи со своите соседи – рече Агелер.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми очекува за четири години и шест месеци „Бехтел и Енка“ да изградат 110 километри патишта со што Македонија ќе стане вистинска раскрсница во регионот. На свеченоста зборуваше и лидерот на ДУИ и пратеник во Собранието Али Ахмети.

– Да поставиш мостови меѓу цел Балкан е многу благородна работа. Ова е чудото. Сакам да им честитам и да им посакам здравје и успеси на „Бехтел и Енка“, што побрзо да се заврши нивната програма според нивната агенда – рече Ахмети. На настанот присуствуваа и говореа и вицепремиерот Артан Груби и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Двата коридори треба да бидат завршени до 2027 година. Проектот опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат или по делници: Тетово – Гостивар над 17 км (33 месеци рок на реализација); Гостивар – Букојчани – 30,3 км (57 месеци рок на реализација); Требениште – Струга – Ќафасан 22 км (49 месеци рок на реализација); Прилеп – Битола 40 км (57 месеци рок на реализација).

ВМРО-ДПМНЕ: За скандалозниот надзор ангажиран техничар со средно образование за 5.600 евра месечно

Ако се анализира документацијата од тендерот за Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридорите 8 и 10Д, ќе се увиди дека недостасуваат податоци за дел од експертите, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата додаваат дека недостасуваат потпишани договори на дел од тие експерти со економските оператори што го имаат добиено тендерот или нивни подизведувачи.

– Од другите податоци кои се достапни, наведени се имиња и презимиња на експерти, нивното образование и работно искуство. Така за позицијата С4. ИСПЕКТОР за објекти и конструкции од персонал за автопатска делница Гостивар – Букојчани е наведено лице со завршено средно образование, градежен техничар со успех ДОВОЛЕН (2). За ова работно место е предвидена нето-плата од 344.844 денари, односно 5.600 евра месечно соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот