Фото: mkd.basketball

Кошаркарите на Маџари се првите финалисти во Супер лигата

Драматичен финиш на вториот полуфинален натпревар, и голем триумф на кошаркарите на Маџари против ТФТ (71:69) за место во големото финале во „МТЕЛ“ Супер лигата. Мечот донесе нова неизвесност, возбуда, на двете страни од теренот и полното гледалиште во салата „наумо Наумовски – Борче“ во скопската населба Маџари.

На една страна, Маџари бркаше финале, историско за нив, во доигрувањето, од друга, ТФТ форсираше трет натпревар, односно „мајсторка“ која ќе го даде финалистот. Натпреварот заврши со среќен крај за екипата дебитант во најсилното клупско натпреварување.

Почеток каков што посакуваа имаа домашните кошаркари. Уште во раната фаза од дуелот се стекнаа со солидно водство (22:16), нешто потоа имаа и 27:20, па 29:22. Но се соочија со сериозен хендикеп, затоа што по нешто повеќе од пет минути од играта останаа без својот стартен плејмејкер, Џавон Грин, кој при една интервенција, да спаси една топка, го повреди левото колено и повеќе не се врати во игра.

Една од причините поради кои во пет минути од втората четвртина, Маџари постигна само еден поен (едно слободно фрлање на Савиќ). На другата страна се разигра другиот организатор на играта, оној на ТФТ и на репрезентацијата Виктор Ташовски. Со помош на Стојаноски и Дејвис, донесе егал резултат 30:30, а до крајот на полувремето, минимална предност за гостинската екипа (39:38).

ТФТ беше екипата која обезбеди нешто повисоко водство во третиот дел од играта. По новите поени на Ташовски, гостите поведоа со 50:44 во 26 минута. А нешто подоцна, нивната позитива беше и поголема (55:48), кога погоди Стојаноски. Во последните две минути, екипата од Маџари направи серија од 7:0, крунисана со едно неверојатно забивање на Армстронг кој постави нерешени 55:55 по три одиграни четвртини.

Од неизвесен, мечот се трансформираше во драматичен, а пенал-завршницата одреди дека екипата на Маџари на првиот финалист на плејофот. На 2,3 секунди пред крајот, при водство на Маџари (71:69), Ташовски беше фаулиран во обидот за три поени. Но репрезентативниот бек, не реализира ниту едно од нив.

Во победничките редови Луис реализираше 24 поени (шест скокови, три асистенции) го следеше Амстронг кој запиша 18.поени, осум скокови о три асистенции. Кај ТФТ, Ташовски имаше 24 поени, како и по четири скокови и асистенции, Гордон ја заврши сезоната со 13 поени и шест скокови, а Говенс дојде до учинок од 11 поени и седум асистенции.

Маџари својот противник во финалето ќе го дознаат в среда, од 19.00 часот, во СЦ „Јане Сандански“, се среќаваат МЗТ Скопје Аеродром и битолски Пелистер кои ќе го одиграат третиот меч од втората полуфинална серија во која моменталниот резултат е 1:1.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот