Корумпираниот Мерко на „црната листа“ на САД, ДУИ шокирана

Молчат и Обвинителството и ДУИ за Мерко за дузината кривични пријави против членот на Централното претседателство на „интегративците“. Премиерот Ковачевски го впери прстот во правосудството, а амбасадорката Анџела Агелер рече дека Мерко е само прв во низата функционери од Македонија кои ќе бидат прогласени непожелни во САД.

Партијата на Али Ахмети е во шок и е изненадена што струшкиот градоначалник и член на Централното претседателство на ДУИ Рамиз Мерко е ставен на црната листа на САД за корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството, односно е прогласен за непожелна личност на американска територија. На црната листа на САД, освен Мерко, се најдоа неговата сопруга Шпреса и трите полнолетни деца.

ДУИ молчи, а молчи и Обвинителството за тоа дали се водат постапки против Мерко за дузината кривични пријави поднесени против струшкиот градоначалник. Премиерот Димитар Ковачевски го впери прстот во правосудството и им порача да се запрашаат како САД има податоци за корупција на Мерко, а тие немаат. Амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер, пак, најави дека Мерко е само прв во низата функционери од Македонија кои ќе бидат прогласени за „персона нон грата“ во САД.

Извори од ДУИ за „Слободен печат“ велат дека во партијата владее штама, никој не зборува, ниту прашува за Мерко, по земјотресот што го предизвика одлуката на Стејт департментот. Ни 24 часа по соопштението од САД, ДУИ немаше официјален став за сопартиецот кој се најде на црната листа, нема одговор дали Мерко ќе поднесе оставка од градоначалничката функција, ни дали ќе биде исклучен од Претседателството на ДУИ и од партијата. Нема коментар ниту од струшкиот градоначалник дали сам ќе се повлече. Извори од ДУИ брифираат дека најмалку што очекувале е Мерко да осамне на црната листа, бидејќи на неа очекувале да се најдат некои од „огнените“. Велат дека прво на ДУИ ќе ѝ треба малку време да се соземе и дека по првичниот шок, лидерот Ахмети ќе свика Централно претседателство кое ќе одлучува за политичката кариера на Мерко. Според соговорниците, одлуката на Стејт департментот е неповолна и е знак дека поради корупција ДУИ е во фокусот.

Ескобар: Се надевам дека ова ѝ помага на Владата да продолжи во борбата против корупцијата

Стејт департментот преку писмена изјава на портпаролот Метју Милер го прогласи Мерко за непожелна личност за влез во САД поради негова вмешаност во тешка корупција.

„За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудните и во другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција праќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија во зајакнувањето на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото“, пишува во соопштението.

Координаторот за антикорупција во Стејт департментот на САД, Ричард Нефју, во интервју за албанската редакција на „Гласот на Америка“ вели дека за струшкиот градоначалник има веродостојни информации дека е вмешан во голема корупција. Тој додава дека вмешаноста на Мерко во корупција е поткрепена, но дека не може да соопшти детали.

„Одлуката е донесена затоа што државниот секретар имал веродостојни информации што сугерираат дека г. Мерко бил вмешан во голема корупција. И така, според законите, кога секретарот ќе дојде до тој заклучок, нечија определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска. И знаете, со оглед на природата на одлуките и нивната правна основа, тоа се информациите што можеме да ги објавиме во јавноста за овој случај“, кажа Нефју.

Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, за албанската редакција на „Гласот на Америка“ рече дека се надева дека ова ѝ помага на Владата во Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата.

Амбасадорката Агелер денеска изјави дека САД сериозно ги сфаќаат сите обвинувања и доказите за корупција. Таа вели дека покрај струшкиот градоначалник, на црната листа на САД ќе има и други имиња. Агелер објасни дека процесот на прогласување лица за непожелни се прави внимателно и се заснова на факти.

„Само ќе додадам дека за овие ознаки е потребно време, тие се внимателно проследени со процес на правен преглед, што значи дека не се лесни, не се брзи и во одреден момент се разгледуваат од голем број институции, како што е нашата правна канцеларија на САД“, изјави Агелер.

На прашањето кога се очекува да бидат објавени другите имиња, Агелер рече дека поради чувствителноста на процесот не може да зборува за одредено време.

„Не можам да зборувам за време, за изјави во иднина. Верувам дека ќе има други, но кога ќе има, не можам да кажам, бидејќи овој процес е внимателен. Можеме само да нагласиме дека ние во САД му пристапуваме на ова многу сериозно“, изјави Агелер.

Амбасадорката, пак, завчера преку соопштение на Фејсбук порача дека народот на Северна Македонија заслужува интегритет од своите јавни функционери.

„САД ќе продолжи да повикуваат секого што ќе го поткопува владеењето на правото, загрозувајќи го напредокот и стабилност на Северна Македонија, без разлика на позицијата или политичката партија“, напиша Агелер на фејсбук-страницата на Амбасадата на САД.

Ковачевски: Потврда дека на правосудството му е потребен генерален ремонт

Новиот „член“ на американската црна листа предизвика лавина реакции дома. За премиерот Димитар Ковачевски ставањето на струшкиот градоначалник на црната листа на САД е потврда дека на правосудството му е потребен генерален ремонт. Тој порача истражните и правосудните органи да ги испитаат наводите од Стејт департментот за Мерко. Ковачевски рече дека внимателно го прочитал соопштението на Стејт департментот и дека од тоа извлекол неколку клучни пораки.

„САД се наш стратешки партнер од првиот ден на нашата независност и помагале, помагаат и ќе помагаат во делот на владеењето на правото и борба против корупција. Наводите кои се наведени како основ за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга и неговото семејство се сериозни, и од тоа пораката е дека истражните и правосудните органи треба да ги испитаат наводите и треба да се запрашаат како САД, кои се наоѓаат на неколку илјади километри оттука, дошле до такви наводи, а нашите органи не дошле до такви податоци во изминативе години. Тоа е потврда дека на правосудниот систем му е потребен генерален ремонт“, рече Ковачевски.

На прашањето што ќе им сугерира на струшките советници, односно дали треба да ја продолжат соработката со градоначалникот Мерко, премиерот рече:

„За правните и за етичките аспекти за мандатот на градоначалникот на Струга ќе треба да одговори Мерко, оти тој е избран на непосредни избори, а советничките групи ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму. Тој бил градоначалник во повеќе мандати и сите партии соработувале со него. Да седнат и да размислат како ќе продолжат понатаму.

За ВМРО-ДПМНЕ ставањето на црна листа на САД на Мерко е потврда за сè што тие зборувале за ДУИ и зошто таа партија треба да оди во опозиција

„Ставањето на Рамиз Мерко од ДУИ на црната листа на САД е институционална потврда на сите сомнежи и афери кои ги вадеше ВМРО-ДПМНЕ за кадрите на ДУИ. Мерко како градоначалник злоупотребувал фондови, а се мешал и во судски постапки. ВМРО-ДПМНЕ подолг период наназад алармира за злоупотреба на буџетски средства, а за тоа дававме и конкретни аргументи. Дуизацијата на судството придонесе кадри на ДУИ да можат да влијаат на постапки, како што се нотира и во соопштението на Стејт департментот“, рече Мирче Аџиоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Оставка на Мерко побараа и партиите од албанскиот политички блок Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса.

„Оваа денешна определба е сигнал кој има потенцијал да ја врати надежта во Северна Македонија. Од денес САД докажаа дека никој не е недопирлив. Ѝ честитаме на амбасадорката Агелер за нејзината доследност и предупредувањето дека ќе има други на црната листа. Мерко веднаш да поднесе оставка, а ДУИ да се огради од својот член на Претседателството. Обвинителството за корупција треба да отвори случај против Мерко за да обезбеди целосна одговорност за наводите на американскиот Стејт департмент и за да ја спроведат правдата“, повикаа од партијата на Арбен Таравари.

Алтернатива побара оставка од Мерко и брза реакција од МВР и од Обвинителството.

 „Рамиз Мерко е само една нишка во пајажината на корупцијата која ДУИ ја создаваше 20 години. Зачудува фактот што МВР и Обвинителството уште молчат. Толку ли им вреди власта за да се потчинат на двојката Ахмети – Ковачевски? Во овој случај, оставката на овој човек од функцијата градоначалник на Струга е последната чест која може да ја направи на стружани“,  рече Зеќирија Ибрахими генерален секретар на Алтернатива.

Мерко на црната листа на САД им се придружи на Никола Груевски, Сашо Мијалков, Љубе Бошкоски, Мендух тачи, Џеват адеми…

Мерко е на функции речиси 20 години, колку што е и неговата ДУИ на власт. Беше пратеник, министер и во четврти мандат градоначалник на Струга. Против него беа поднесени неколку кривични пријави, а кривично гонење на струшкиот градоначалник побара и Антикорупциската комисија за набавка на четири автомобили за општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот